Клинтон предупредува: Не брзајте со импичмент, извештајот на Малер е нов Вотергејт

Поранешната кандидатка за претседател на САД и екс-државна секретарка, Хилари Клинтон, истакна дека извештајот на Роберт Малер укажува на сериозен криминал и дека Конгресот треба да започна истрага во стилот на скандалот „Вотергејт“, за попречување на истрагата од претседателот Доналд Трамп за руската вмешаност во американските избори.

Во колумна објавена синоќа во „Вашингтон пост“, Клинтон укажа дека не треба да се брза со постапка за отповикување на Трамп, како во случајот со нејзиниот сопруг, поранешниот претседател Бил Клинтон, туку Конгресот да изврши продлабочени сослушувања за наодите на извештајот на Малер.

По импичментот на Клинтон во 1998-1999 година, републикаците претрпеа пораз на следните избори за во Конгресот.

– Очигледно ова ме засега лично, и некои ќе кажат дека не сум најподобна да испраќам пораки, но изборот помеѓу импичмент веднаш и работите да се остават какви што се, е лош избор – напиша таа.

Деновиве, по објавувањето на извештајот, демократите се поделени за тоа како да одговорат. Истрагата на специјалниот обвинител не најде докази дека Трамп или негови соработници заговарале со Русија со цел манипулација на изборите. Сепак, нема заклучок дека Трамп не ја попречувал правдата – извештајот посочува на околу 10 случаи на обид од страна на претседателот да ја попречи или поткопа истрагата. Во извештајот се наведува дека Трамп повеќепати лажел во јавноста за неговите постапки.

Некои помлади предводници на Демократската партија сега бараат државниот обвинител Вилијам Бар и Малер да сведочат пред надлежните тела на Конгресот и започнување на постапка за импичмент на Трамп, а други сметаат дека постапката може да се одрази негативно.

Според Клинтон, извештајот го отвара патот за законодавците во двата дома на Конгресот.

– Ако се покрене, импичмент треба да биде спроведен од авторитетна фигура како Џон Доар, напиша таа. Доар е поранешен вработен во Министерството за правда ангажиран како специјален советник од Комитетот за правда на Претставничкиот дом во истрагата за скандалот Вотергејт и махинациите на Ричард Никсон – поранешен претседател на САД кој си поднесе оставка.

За време на Вотергејт, Клинтон била задолжена за персоналот на Комитет за правда на Претставничкиот дом.

Во врска со заклучокот на Малер за руската вмешаност, таа препорача Конгресот да формира надпартиско тело слично на она формирано по терористичките напади на САД на 11 септември 2001 година, за заштита на американските избори од секаква идна вмешаност на странски сили.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот