Клинички случај

Џабир Дерала / Фото: СП. архива

Сѐ додека инфодемијата не се сфати со истата сериозност како и пандемијата, Белата палата ќе остане Бастилја на лагата, омразата и деструктивноста.

Сѐ додека во медиумскиот простор доминираат квазиновинари и креатори на јавното мислење што се однесуваат како гангстери, а во најдобар дел како чистачи на кондури, додека оние што држат до професионалните стандарди и етички норми живеат на граница на егзистенцијата – не можеме да очекуваме вистинска слобода во медиумите. Сѐ додека владее неказнивост за сејачите на омраза и креаторите на лажни вести и дезинформации, а оние што изнесуваат факти и докази за криминалот, корупцијата и злоупотребите на моќта, функциите и јавните ресурси, завршуваат на суд или се под било кој облик на притисок – нема слобода на говор.

Сѐ додека продукцијата на голем дел од богатите интернет-медиуми се заснова на „факти“ што ги објавиле „обични граѓани“ (партиски агитпроп) на своите „невини“ фејсбук-профили – нема медиумски слободи. Сѐ додека постојат новинарки и новинари што се плашат за својот живот или за својата и безбедноста на своите блиски, кога ризикуваат да изгубат работа затоа што не му се допаѓаат на газдата, на некој политичар или бизнисмен – правото на слобода на изразувањето и информирањето не постои.

Сѐ додека самобендисаните новинарски елити мислат дека изразот „право на слобода на изразувањето и информирањето“ се однесува на нив, а не дека е фундаментално човеково право – не само што нема медиумски слободи, туку нема ни медиуми. Сѐ додека уредниците и новинарите воспоставуваат лажен баланс во стилот „5 минути за Евреите, ама 5 минути и за Хитлер“ – нема слобода на изразувањето и на информирањето. Сѐ додека објективната критика и обелоденувањето на погрешни практики и постапки се преземаат во медиумите под контрола на националистите и криминалците и се претвораат во валкан агитпроп-памфлет – ништо од објективното информирање.

Сѐ додека најбогати и најдоминантни во јавноста се гнезда на партиски истомисленици и пропагатори, полуписмени насилници и простаци, а притоа голем дел од јавноста ги третира како новинари, а нивните разбојнички пештери ги нарекува медиуми – општеството е клинички случај. Сѐ додека има медиуми што се финансираат со црни пари во интерес на антизападните центри на моќта и на криминалниот режим, а тоа се толерира и од јавноста и од институциите – нема слобода во тоа општество, туку само страв и неизвесност.

Сѐ додека некој мисли дека треба да плати реклама или на кој било друг начин да му овозможи егзистенција на квазиуредник или новинар што се заканува и уценува (рекетира) – владее законот на џунглата. Сѐ додека медиумите се третираат како феудални имоти, а медиумските работници како закрепостени селани – ќе продолжиме да тонеме. Сѐ додека има новинар(к)и што се плашат да напишат текст против националистите и криминалците, за секој случај, да не се вратат на власт – криминалниот режим сѐ уште е жив.

Сѐ додека слобода на говор се поистоветува со говорот на омразата и ширењето национална, верска и расна омраза, а сето тоа не наидува ниту на јавна осуда, а камоли санкции – нема надеж за тоа општество. Сѐ додека инфодемијата не се сфати со истата сериозност како и пандемијата, Белата палата ќе остане Бастилја на лагата, омразата и деструктивноста.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот