Климовски: Да ги внесеме само Бугарите во Уставот, ама со одложена примена на уставните измени

Потребни се уставни измени, но не за да се стават Бугарите во него, туку затоа што Уставот по сите менувања за кратко време не само што стана неусогласен, туку е и нефункционален и треба конечно да се договориме каков Устав ќе имаме, дали ќе биде граѓански или со поинакви решенија, вели професорот по уставно право Саво Климовски за „Слободен печат“.

Тој лично не се согласува со намерата Бугарите да се внесат во Преамбулата, затоа што обврската е прифатена со диктат и уцена од Софија, но сепак, како опција во оваа ситуација предлага да ги внесеме само Бугарите, а со втор уставен амандман да ја одложиме примената на новите уставни одредби.

– Уставот може и треба да се смени со општ консензус, тоа е акт на граѓаните со кои се уредува државата, човековите права и слободи. Со досегашните измени се направи една измама, кога од мултуетничко општество ние добивме мултиетнички Устав, единствен таков во светот. Тој е менуван многупати за кратко време, што исто така е непознато во светската уставност, а заради тие измени сега е неуспогласен и нефункционален. Како пример на таа нефункционалност доволно е да го наведеме Уставниот суд и сите проблеми до неговото функционирање. Не е добро Уставот да се менува вака на сила, за тоа одлучуваат граѓаните кои треба да се прашаат или на референдум или на предвремени избори – вели Климовски.

Тој вели дека Македонија го прифати условот на Бугарија на инсистирање на неколку европски држави, а не побара Бугарија исто така во својата Преамбула да ги внесе сопствените малцинства.

– Треба да ги прашаме тие лидери кои доаѓаат и ни велат да го смениме Уставот, дали тие би смееле да ги сменат уставите во сопствените држави на таков начин како што се бара од нас? – вели Климовски.

Тој додава дека лично не се согlасува Бугарите да бидат вметнати во Уставот, особено што Софија не ги признава нашите идентитетски обележја, како нашата историја и јазик.

– Но, може да направиме нешто друго. Да ги внесеме Бугарите во Уставот, без другите заедници, затоа што предлогот да се внесат Хрватите, Црногорците и Евреите е само „димна завеса“ зад која треба да се сокријат Бугарите. Да ги внесеме Бугарите во Уставот, без разлика во која форма дали во Преамбулата или на друг начин, и со друг амандман во преодни и завршни одредби да утврдиме дека амандманот ќе се реализира во моментот кога ќе ги завршиме преговорите за членство во ЕУ. На тој начин ние ќе покажеме добра волја пред нашите европски партнери, ќе го исполниме условот за уставни измени на кој сме се обврзале, но и ќе се заштитиме дека преговорте со ЕУ ќе ги истераме до крај, без Бугарите во меѓувреме да можат да ни наметнат други барања – вели Климовски.

Според него поентата на Бугарите не е само за оние 3.000 Бугари кои се пребројани на пописот.

– Имаме и 100.000 бугарски пасоши врз основа на изјава за бугарско потекло, а можно е во иднина да имаме многу новоосвестени Бугари, илјадници, кои ќе бараат вработувања по етнички клуч, основни училишта итн. Таму е кваката и сите ја гледаме. Бугарија кон нас покажа огромна агресивност, со непрознавање на нашиот идентитет, а сакааат да влезат во Уставот на државата чиј конститутивен народ не го признаваат. Играта е провидна, позадината е провидна – предупредува Климовски.

Тој вели дека не би учествувал во експертска работна група која би разговарала само за уставни измени со цел да се внесат Бугарите.

– Не би учествувал во таква работна група, но би учествувал во група која би подготвила реконструкција на Уставот, за која би требало да има општ консензус за тоа како сакаме да ни изгледа и да ни биде уредена државата – вели Климовски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот