Климатските промени се најголемиот предизвик за ЕУ, велат од Евробарометар

Знамиња на Европската унија / Фото: МИА

За речиси секој втор Европеец климатските промени се голем глобален предизвик што влијае на иднината на Европската унија и ги гледа демократијата, човековите права и владеењето на правото како нејзини главни страни, покажува најновото истражување на Евробарометар.

Девет од 10 млади Европејци, на возраст од 15 до 24 години, веруваат дека борбата против климатските промени може да придонесе за нивното здравје и благосостојба, а ова мислење го делат 87 отсто од сите учесници во истражувањето.

Огромното мнозинство Европејци ги поддржуваат еколошките цели поставени со Европскиот зелен договор, покажуваат резултатите од специјалното истражување на Евробарометар за иднината на Европа, што беше вчера објавено од Европскиот парламент и Европската комисија.

Зголемувањето на уделот на обновливите извори на енергија во европската економија и поголемата енергетска ефикасност се поддржани од 88 отсто од испитаниците, а 80 отсто се согласуваат дека е важно Европа да стане првиот климатски неутрален континент до 2050 година и да го промовира растот на ниски или возила со нулта емисија.

Здравјето, миграцијата и раселувањето втори најголеми предизвици

Како втори најголеми глобални предизвици што влијаат врз иднината на ЕУ се истакнати здравјето (34 проценти) и присилната миграција и раселувањето (30 проценти).

Речиси една третина од испитаниците (31 процент) веруваат дека за иднината на Европа најмногу ќе придонесат споредливиот животен стандард, а 22 проценти сметаат дека тоа е заедничка здравствена политика.

Тие, исто така, придаваат големо значење на поголема солидарност меѓу членките (21 процент) и енергетска независност (20 проценти).

Две третини од испитаниците (68 отсто) веруваат дека ЕУ е место на стабилност во проблематичниот свет, а 67 отсто веруваат дека европскиот проект на ЕУ им нуди на младите светла иднина.

На прашањето со какви предизвици се соочува ЕУ, најчести одговори беа социјалната нееднаквост (36 отсто), невработеноста (32 отсто) и миграцијата (31 отсто). Климатските промени и заштитата на животната средина, освен што се глобални предизвици, се и предизвици за ЕУ, сметаат 32 отсто од испитаниците.

Почитувањето на демократијата, човековите права и владеењето на правото (27 отсто) се сметаат за најголема предност на ЕУ, а 25 отсто сметаат дека нејзината економска, индустриска и трговска моќ се главната предност на Унијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот