Климатските промени немилосрдно напредуваат: Договорот од Париз е единствената шанса за тропските краишта

Фото: EPA-EFE/YOAN VALAT

Постигнувањето на целите прецизирани во меѓународната борба со климатските промени би можело да спаси милиони луѓе од соочување со „неподнослива жештина“ се тврди во научната студија која неодамна беше објавена.

Истражувањето се темели на претпоставката дека тропските краишта до 2050 година ќе станат дом на половина од светската популација, но токму овој климатски регион ќе стане тешко погоден од климатските промени, со тоа што се очекува рапидно покачување на температурата и влагата во воздухот. Постара студија објавена во 2010 година, идентификуваше таканаречен „праг на преживување“ кога е во прашање соодносот на температурата и влажноста. Смртоносниот момент по луѓето настапува кога во метричка смисла и температурата и влажноста се на 35 степен на Целзиусовата скала.

Новата студија, пак, која беше објавена во научниот журнал „Нејчер“, открива дека загревањето на воздухот во тропските краишта ќе се движи кон утврдениот максимум.

Спасот е во Парискиот договор

Резултатите од студијата даваат голем простор за оптимизам, бидејќи црното сценарио би можело да се избегне, доколку се оствари целта за одржување на глобалното затоплување на 1,5 Целзиусови степени над просечната температура од прединдустриската ера. Ова е и крајната цел на сетот мерки и иницијативи содржани во Парискиот договор за климата.

Истражувачите што работеле на студијата користеле голем сет климатски модели, а математичките пресметки им овозможиле да симулираат можни промени на земјината површина во поглед на затоплувањето. Научниците особено се фокусирале на тропскиот регион, во опсегот на 20 степени северно и 20 степени јужно од екваторот.

Водечкиот автор на студијата, Ји Џенг од Универзитетот Принстон, изјави дека тропските краишта први ќе бидат тешко погодени од климатските промени и глобалното затоплување.

– Тропскиот климатски регион е најтоплиот и највлажниот дел од Земјата и затоа е потенцијално ранлив од покачувањето на температурите, вели Ји.

Луѓето би можеле да се прилагодат?

Во последните 40 години, во кои научниците детално го мерат соодносот на температурата и влажноста во тропските краишта, во една прилика се измерени 33 Целзиусови степени, што е опасно приближување до лимитот на издржливоста. Ји вели дека доколку просечната температура на атмосферата во иднина се покачи за само еден степен, тоа би значело дефинитивен крај за тропскиот регион. Но тој додава доколку глобалната температура се сочува на посакуваното ниво, тогаш ќе се избегнат несаканите последици.

Еден од ретките критичари на приложената студија, д-р Ден Мичел од Универзитетот на Бристол, смета дека границата на издржливост од 35 степени не би требало туку така да се зема предвид.

– Една од работите која не е обработена со истражувањето е човековата способност за прилагодување на промените, што веројатно би дошло до израз доколку се случи покачувањето на температурата. Овие претпоставки за температурните шокови се корисни за претпоставување на тоа што ќе случи со животинскиот и растителниот свет, но треба да се биде крајно внимателен во предвидувањето на морталитетот кај луѓето, вели доктор Мичел.

Тој смета дека приспособливоста на луѓето е речиси невозможно емпириски да биде пресметана.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот