Клима, нафта и крави

Бошко Јакшиќ / Фото: МИА

Светот се наоѓа на „автопатот на климатскиот пекол“, а се проценува дека загубите поврзани со климата до 2030 година ќе достигнат 580 милијарди долари годишно

Научниците предупредуваат, политичарите ветуваат, лобистите минираат, луѓето посматраат, а природата сe посериозно возвраќа. Тоа би бил тескобниот заклучок по годинешниот климатски самит на Обединетите нации во египетското летувалиште Шарм ел Шеик.

Експертите на ОН во најновиот извештај тврдат дека се во пораст емисиите на штетни гасови што ги загреваат воздухот и океаните и дека, ако продолжи вака, нема да биде остварена целта загревањето да се ограничи на 1,5 Целзиусов степен во споредба со прединдустрискиот период, како што беше договорено на Климатскиот самит во Париз во 2015 година.
Светот се наоѓа на „автопатот на климатскиот пекол“, како што ситуацијата ја опишува генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш. Дури ни процените дека загубите поврзани со климатските промени во 2030 година ќе достигнат 580 милијарди долари годишно не се доволни да го ограничи апетитот за употреба на фосилните горива – најголемите загадувачи на атмосферата.

Иако сите учесници на самитот КОП-27 за климатските промени ги идентификуваа како еден од најалармантните предизвици на човештвото, се покажува дека само 26 од вкупно 193 држави презеле нешто за да ги „преиспитаат и зајакнат“ националните климатски цели, како што беше договорено на ланскиот самит во Глазгов.

Меѓународниот систем повеќе од три децении ја изразува својата фрустрирачка и речиси бизарна неспособност да реагира на проблемот, кој во суштина има едноставно решение: да запре зависноста од фосилните горива. Како и во Шкотска, лобистите и во Египет грчевито се бореа за индустријата на нафтата и гасот, која на глобалното ниво остварува профит од фантастични 3 милијарди долари – на ден. Нивната делегација имаше 600 луѓе и беше помногубројна од сите други од речиси 200 земји. На крајот се изборија: фосилните горива, освен јагленот, не се спомнуваат како најголеми загадувачи. Барањето повеќе да се оданочуваат корпорациите на фосилната индустрија, за да може со тие пари да се плати штетата, не помина.

Богатите бараат светот во развој да отстапи од фосилните горива и да тргне во развој на енергијата од сонце и ветер. Сиромашните се согласуваат, но бараат финансиска поддршка. Ветувањето за годишна помош од 100 милијарди долари до 2030 година, за да можат земјите во развој да ги намалат емисиите на јаглерод диоксид, не е исполнето, па сиромашните земји во Шарм ел Шеик настапија поагресивно отколку досега.

Зелена хипокризија

Богатите, најголемите загадувачи како Кина и САД, под притисок – првпат откако разговорите почнаа пред една деценија – сепак прифатија да биде основан посебен фонд од кој би биле компензирани штетите нанесени врз светот во развој. Но, неговото основање е одложено за идната година, без договор за тоа кој ќе ги обезбеди средствата, колку и под кои критериуми. Се чини дека таа банкарска сметка долго време ќе биде празна.

Лидерите што се појавија во Египет се придржуваа до веќе испробаните скрипти: се тркаа кој погласно ќе предупреди на катастрофата што надоаѓа, се согласија дека климатската криза бара поголеми амбиции да се намалат емисиите на штетни гасови и ветија дека се посветени на – необврзувачките цели.

Зелената хипокризија и притисокот од моќните нафтени лобија значат продолжување на ситуацијата статус кво, без јасен пат за излез од климатскиот хаос. Науката постави краен рок, но половичните резултати на самитот КОП 27 навестуваат дека тешко ќе има пробив.

Не се одредени максималните емисии на штетни гасови до 2025 година ниту се прецизирани мерките за следење на постепеното укинување на јагленот и на другите фосилни горива. Целта на ограничувањето на порастот на глобалната температура е достижна, технички, но се чини не и политички. Тоа што намалувањето на гасовите е прашање на математиката, а не на идеологијата, остана запишано како уште една добра фраза.

– Нашата планета сѐ уште е на интензивна нега. Сега мораме драстично да ги намалиме емисиите, а ова е проблем со кој овој самит не се занимаваше. На светот сѐ уште му е потребен огромен скок во погледот на климатските амбиции – констатираше Гутереш.

Спектакуларните самити се во длабок расчекор со суровата реалност на планетата, изложена на климатските промени за кои, непобитно е утврдено, е одговорен исклучиво човекот. И политичарите што во Шарм ел Шеик ги носеше флота од 36 владини и приватни авиони, кои во воздухот исфрлија десетици илјади тони јаглерод диоксид.

Говедски издувни гасови

Јасно е дека на светот му е неопходна интензивна нега за да се спаси од драматичните последици на глобалното затоплување. Температурите на океаните ги соборија сите рекорди откако почнаа да бидат мерени пред 60 години. Глечерите се топат, а нивото на морето се крева. Се шират пустините и исчезнуваат шумите. Горештините и сушите, дождовите и поплавите, станаа сериски убијци. Летото 2022 година на Европа ѝ донесе суши незапаметени 500 години: топлотните удари предизвикуваа шумски пожари, го загрозуваа јавното здравје, земјоделството и транспортот на речиси половина од континентот. Тревата по Лондон толку се исуши, што пожарникарите ја опишуваа како „кибрит“. Неодамнешните поплави во Пакистан предизвикаа штети од 3 милијарди долари.

Десетици и стотици разни животински и растителни видови исчезнаа во текот на нашите животи, а како да не сме имале ни желба да го забележиме тоа. Секоја втора морска желка не може да преживее зашто се наголтала од пластиката што ги освојува морињата и океаните. Во Италија на секои три тони риба се вади и еден тон пластика.

И додека експертите предупредуваат на итноста, а политичките консензуси се приближуваат со брзина на полжав, некој обиди на борбата против климатските промени делуваат гротескно. Нов Зеланд предложи оданочување на сите гасови, кои со ждригање или уринирање ги произведува добитокот на фармите. Пет милиони Новозеланѓани чудесно ги пронајдоа првообвинетите за емисиите на метан – десет милиони крави и говеда. Ако тоа не ја спаси планетата, нема ништо друго.

Меѓувладиниот панел на ОН соопшти во 2018 година дека оние што решаваат имаат само 12 години за да ги избегнат најтешките последици од глобалното затоплување. Една третина од тоа време измина, а мајката природа од година на година сѐ побрутално ја казнува алчноста на луѓето.

Непријатно сум изненаден од фразите што светските лидери ги повторуваа на собирот во Шарм ел Шеик. Знам дека прилагодувањето повеќе не е опција, туку обврска, но се прашувам која е веројатноста дека генерацијата на моите правнуци ќе видат глечери?

Авторот е новинар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот