Класична музика што ги прави среќни и радосни сите што ја слушаат

Во програмата „Клуб Класик Континентал“ учествуваат повеќе млади, но веќе докажани оперски пејачи

Најдобрите, најпопуларните, повеќе или помалку познати дела од италијански композитори ќе бидат изведени на „Вечер на италијанска музика“, која ќе се одржи на 28 јануари, во 19 часот, во рамките на програмата „Клуб Класик Континентал“.

Иницијаторка на настанот е Елена Сиљаноска, која работи како корепетитор во Националната опера и балет, а истовремено е и претседателка на Здружението на руски сонародници „Чајка“.

На концертот ќе бидат изведени дела од Перголези, Белини, Росини, Верди, Пучини и Џордано, а ќе настапат млади, но веќе докажани оперски пејачи, како сопраните Билјана Баевска, Ивона Нацевска, Марина Јаневска, Мила Николовска, Мартина Митревска и тенорот Виктор Битовски.

– Проектот „Клуб Класик Континентал“ се појави во договор со менаџерскиот тим на хотелот „Континентал“. Идејата е моја, а основана е на мои сеќавања од студентските денови. Базирана е на стилот на музичките салони кои функционирале во 19. век, но и на случајноста – хотелот го прифати мојот концерт на руска вокална музика, кој стана првиот „основачки настан“. Тоа се случи во декември 2022 година. Целите на проектот се запознавање со прекрасна класична музика во нестандарден амбиент, со чаша вино на масата, но и со едукација на публиката, бидејќи помеѓу песните раскажувам кратки приказни за композиторите и интересни и малку познати факти за делата и епохата во која се создадени. Имам долгогодишен опит на јавни настапи на сцена со говори и се чувствувам слободно и убаво. Вечерта на италијанска музика е вториот настан во низата, додека за февруари планираме да направиме и вечер на украинска музика – објасни Елена Сиљаноска.

Вториот проект на кој Сиљаноска работи во овој период е концерт на вокална музика од словенски автори со наслов „Алконост“. На концертот ќе настапат 20-ина учесници – студенти, членови на хорот и солисти од НОБ, а Сиљаноска ќе настапи како пијанист-корепетитор и водител.

Планирано е концертот да се одржи на 4 февруари во малата сала на Филхармонија, а ќе учествуваат Александра Лазаровска, Ивона Нацевска, Билјана Камчева, Марија Наумовска, Јане Дунимагловски, Бобан Рајчиноски, Кристијан Антовски, Борко Биџовски, како и Марина Јаневска, Мартина Митревска, Јулијана Деспотоска, Мила Николовска, Марија Ташевска, Андриана Петровски и Никола Давидовски.

Како гости на концертот ќе учествуваат и пијанистите Билјана Петровска и Дарко Мариновски, Дарко Гроздановски на виолина и Мартина Јаневска на виолончело.

Името на птицата Алконост од старословенската митологија, која со своето пеење ги прави среќни и радосни сите што ја слушаат, е употребено како наслов на концертот.

Елена Сиљаноска

– Во тешки времиња треба да сееш добро и да го осветлуваш патот за другите. Концертот на словенска музика се роди како проект на обединување на словенските култури. Целта е да не забораваме кои сме и кои ни се најблиски. Барав симбол на обединување и го најдов во старословенската митологија – птицата Алконост. Таа е една од трите птици кои ја претскажуваат иднината. Сите се различни и имаат свои особини. Алконост со пеење прави луѓето да бидат среќни. И е единствената птица со човечки раце во кои носи цвеќиња од Рајот. На концертот ќе бидат изведени композиции од Русија, Украина, Србија, Бугарија, Чешка, Хрватска и од Македонија – откри Сиљаноска.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 164, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 28-29 јануари 2023)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот