Ќе уживате во секое залче: Дијана Иваноска со заводлив рецепт за галети со праски

Дијана Иваноска
Дијана Иваноска / Фото: Приватна архива

Животот навистина може да биде беспрекорно вкусен, а тоа го потврдува и Дијана Иваноска од Тетово, која со својот талент за комбинација на вкусови нè носи на едно исклучително гастрономско патување.

Иваноска стои зад инстаграм-профилот „Dash of Spice“ и ни ги открива малите тајни за создавање магија од вкусови. Своите рецепти почнала да ги споделува со своите следбеници и пријатели од почетокот на пандемијата.

„Го сакам секој дел од процесот, но најмногу уживам во фотографирањето на храната“, ни открива Дијана.

Оваа талентирана жена денес ни споделува рецепт за галети со праски.

„Почна сезоната на праски и еве еден начин како вкусно да ги употребите. Путерно ровко тесто, сочни праски и крцкави листиња бадем. Превкусна комбинација која срдечно ви ја препорачувам“, вели таа.

Потребни состојки:

За кората: (за две средни галети или една голема. Јас правев две помали)
– 150 г многу ладен путер исецкан на коцки
– 300 г брашно
– 3 лажици шеќер
– прстофат сол
– 75 мл ладна вода
– 1 јајце за премачкување
– листиња бадем (опционално)
– крупен кафеав шеќер за поросување

Фил:

– Околу 6 праски, зависи од големината на праските. Треба да се покрие средината на кората со праски,
– 1 лажица нишесте
– 1 лажиче ванила екстракт
– 2 лажици шеќер (ако сакате поблаго ставете и повеќе)

Дијана Иваноска
Дијана Иваноска / Фото: Приватна архива

Начин на подготовка:

Во подлабок сад ставете ги брашното, шеќерот и солта и измешајте. Додадете го ладниот путер и тријте го со брашното додека добиете ронлива смеса. Додадете ја водата и замесете тесто. Треба да биде меко и да не се лепи за рацете. Поделете го тестото на два дела. Завиткајте со проѕирна фолија и оставете во фрижидер барем еден час. Праските исецкајте ги на тенки кришки. Додадете го шеќерот, ванилата, нишестето и измешајте полека. Загрејте ја рерната на 180 степени. Развлечете го тестото во круг до дебелина 4-5 мм. Отстранете го вишокот течност од праските. Редете ги праските во средината на кората оставајќи околу 4-5 цм од краевите. Свиткајте ги краевите тесто преку филот. Премачкајте ги краевите од кората со матено јајце. Поросете листиња бадем и малку шеќер на краевите. Печете 35-40 минути.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот