Ќе се субвенционира оброк во училиште и престој во градинка за деца од ранливи семејства во Кисела Вода
Општина Кисела Вода од почетокот на новата учебна година ќе ги субвенционира месечните сметки за дневниот оброк во продолжен престој во општинските основни училишта, а средства се обезбедени и за целодневниот престој на деца од семејства во социјален ризик во јавните детски градинки во оваа локална самоуправа.
Со субвенциите ќе бидат опфатени деца од еднородителски семејства и самохрани родители, деца сместени во згрижувачко семејство, деца под старателство, деца без родители и родителска грижа, деца од семејства корисници на гарантирана минимална помош, деца од семејства со ниски приходи, материјално-необезбедени семејства, семејства чии вкупни месечни приходи не го надминуваат износот на минималната плата по вработен.
Според градоначалникот на Општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски, овие мерки се во насока на заложбите за создавање еднакви можности за сите деца.
Нашата цел е да креираме образовни установи каде што децата ќе се надградуваат и натпреваруваат во знаење, без да се грижат за меѓусебните финансиски разлики, вели Ѓорѓиевски.
Тој потсетува дека покрај субвенционирањето на оброците и престојот во градинките, Општината обезбедува бесплатни ранчиња за сите првачиња и бесплатни униформи за сите ученици во општинските основни училишта.
Сите критериуми и потребната документација за остварување на овие права ќе бидат достапни на веб-страницата на Општина Кисела Вода во наредниот период, кога ќе биде објавен и јавниот повик за аплицирање.