Ќе се санира Домот на култура „Билјана Беличанец“ во Општина Кисела Вода

Домот на културата „Билјана Беличанец“ во Општина Кисела Вода наскоро ќе започне да се санира, најавија од локалната самоуправа од каде што информираат дека овој значаен објект поради нередовно одржување во моментов е речиси нефункционален.

– Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денес го потпиша Договорот со Рамиз Реџепи, директор на Бирото за регионален развој, преку кое Министерството за локална самоуправа и додели на Општина Кисела Вода средства во висина од 2.294.571,00 денари. Со финансиско партнерство меѓу локалната самоуправа и оваа институција, ќе се извршат градежни зафати за санирање на штетите настанати поради неодржување на објектот, кои го направија речиси сосема нефункционален. Градежните работи ќе можат да започнат по тендерската постапка, чие распишување е следен чекор на Општина Кисела Вода – информираат од оваа скопска општина.

За потсетување, во овој објект беше сместено некогашното кино во Кисела Вода. По темелната обнова во 2015 година, беше пренаменет во Дом на култура, кој потоа го доби името „Билјана Беличанец“.

– Сепак, поради одредени судски спорови, во владение на Општината беше предаден дури шест години подоцна, а во меѓувреме, поради несовесното управување на претходните општински власти, ова место поради штетите не можеше да се користи за она коешто беше предвидено, да биде центар на културата на локално ниво – информираат од Општина Кисела Вода.

Како што најавуваат од локалната самоуправа, со санацијата на Домот на култура „Билјана Беличанец“ културните манифестации ќе бидат достапни не само за жителите на Кисела Вода, туку и на општините Зелениково, Сопиште, Студеничани и Аеродром кои немаат кино и дом на култура, па токму поради тоа, надлежните веруваат дека, целиот проект ќе има и поширока, регионална димензија.

– Дополнително, до овој објект е лоциран паркот Македонија, а во непосредна близина ќе се гради и затворен пазар кој освен што ќе им овозможи на граѓаните квалитетни услови за набавка на овошје и зеленчук, ќе има и модерна надворешност, па освен што се подобрува функционалноста, се подигнува и естетиката на овој дел од градот – стои во објавата на Општина Кисела Вода.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот