Фото: Мета

Ќе се гради најдолгиот подморски кабел за интернет, компанијата Мета го најави мегаломанскиот проект

Технолошкиот гигант Мета ги објави плановите за изградба на подморски кабел долг 50.000 километри, кој ќе ги поврзува САД, Индија, Јужна Африка, Бразил и други региони. Проектот наречен Waterworth ќе биде најдолгиот подморски кабел за интернет во светот кога ќе биде завршен., објави ББС.
Мета, сопственик на Facebook, Instagram и WhatsApp, веќе некое време го шири своето влијание надвор од социјалните мрежи, особено во областите на вештачката интелигенција (AI) и дигиталната инфраструктура. Компанијата вели дека новиот кабел ќе овозможи супериорно поврзување помеѓу пет континенти и ќе игра клучна улога во развојот на нејзините проекти за вештачка интелигенција.

„Овој проект ќе овозможи поголема економска соработка, ќе поттикне дигитално вклучување и ќе отвори можности за технолошки развој во овие региони“, објави Мета.

Најголемиот подморски кабел досега

Проектот Waterworth ќе користи систем со 24 влакна, што ќе му овозможи да има исклучително висок капацитет за пренос на податоци.

Подморските кабли се клучни за глобалната дигитална инфраструктура, овозможувајќи брз пренос на податоци и интернет услуги ширум светот.

Се проценува дека повеќе од 95% од глобалниот интернет сообраќај се пренесува преку подморнички кабли. Според истражувањето на TeleGeography, во моментов има повеќе од 600 познати подморнички кабелски системи.

Мета веќе учествува во проектот 2Africa, еден од најголемите подморски кабли во светот, кој поврзува три континенти и се протега на 45.000 километри. Покрај Мета, во финансирањето учествуваат и телекомуникациските гиганти како Оранж, Водафон и Чајна Мобајл.

Технолошките гиганти ја преземаат контролата врз мрежната инфраструктура

Зголемените инвестиции во подморските кабли укажуваат на растечката моќ на технолошките компании како Мета и Гугл, кои некогаш беа само даватели на дигитални услуги, но сега ја градат и контролираат основната интернет инфраструктура.

Минатата година Google го објави првиот подморски кабел меѓу Африка и Австралија и инвестиција од 1 милијарда долари во нови кабли во Тихиот Океан за да се подобри поврзувањето со Јапонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот