Пари / Фото: ,,Слободен печат'' / Драган Митрески

Ќе се дистрибуираат ли парите од унгарскиот кредит преку државната Развојна банка?

Банкарите велат дека ќе продолжат со преговорите, но експертите и стопанствениците велат дека ова е лекција и дека конечно треба да изнајдеме поинаков модел, преку државна агенција, или пак преку Развојната банка да ги пласираме кредити добиени по поволни услови од Владата, а наменети за стопанствениците

Експертите и стопанствениците се согласни дека Владата избрза за унгарскиот кредит пред да ги договори деталите. Сега, тој веќе е на нашата сметка, за него си течат каматите што треба да ги платиме кон Унгарската експорт-импорт приватна банка, но 250 милиони евра никако да стигнат до компаниите. Разговорите со банкарите тешко одат. Последната вест од викендот е дека во однос на каматата сè уште не е постигнат договорот, а во однос на рочноста, да се даде можност, во зависност од барање на клиентите, да се користи одложен период за отплата до три години и вкупен период на отплата до 15 години.

Банкарите велат дека ќе продолжат со преговорите, но експертите и стопанствениците велат дека ова е лекција и дека конечно треба да изнајдеме поинаков модел, преку државна агенција, или пак преку Развојната банка да ги пласираме овие кредити. Економскиот аналитичар Абил Бауш вели дека е јасно оти деловните банки немаат јавен интерес, туку нивната цел е профит.

– Дистрибуцијата на унгарскиот кредит преку деловните банки е интересен и потенцијално проблематичен модел. Во глобалната практика, вакви кредити често се администрираат преку државни развојни банки или агенции, како што е Македонската банка за поддршка на развојот, кои имаат мандат да ги насочат средствата во проекти со јавен интерес и долгорочна економска корист. Во случаи кога државните институции немаат капацитет или инфраструктура, деловните банки може да бидат посредници, но со јасни и строго контролирани услови. Проблемот кај деловните банки е што нивната примарна цел е профит, а не јавен интерес. Тие ќе постават комерцијални услови за заемите, кои можат да го направат пристапот до овие средства посложен за малите и средните претпријатија. Дополнително, ваквиот модел ја отвора вратата за можен конфликт на интереси и потенцијална корупција, бидејќи селекцијата на проектите зависи од субјективни одлуки – изјави Бауш за „Слободен печат“.

Претседателот на Сојузот на стопански комори Трајан Ангелоски вели дека и досега праќале иницијативи до Владата, Развојната банка да биде таа што директно ќе ги пласира средствата.

– Очекуваме дека Владата и банките ќе најдат некое взаемно решение како да дојдат до моментот овие средства да стигнат до компаниите. Но, ние и во минатото сме иницирале идеи за размислување, за тоа Банката за развој директно да ги пласира средствата наменети за кредити на компаниите, се со цел да се избегнат вакви ситуации. Улогата на комерцијалните банки е да работат и да создаваат профит, а улогата на Банката за развој е да стимулира развој и не секогаш тие два основни постулати на функционирање на овие две институција се соединуваат. Така, имаше одредени економски експерти што коментираа: Секогаш кога ќе се обезбедат евтините средства и кога ќе се дистрибуираат преку комерцијалните банки, се наметнува прашањето дали Македонската банка за поддршка на развојот е поддршка за развојот на економијата, или за поддршка на развојот на банките – изјави Ангелоски за „Слободен печат“.

Заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски во рамките на општата расправа по Предлог-буџетот за 2025 година во собраниската Комисија за финансирање и буџет што се случи пред состанокот со банкарите од кој сè уште нема конечен исход, изјави:

– Средствата од унгарскиот заем наменети за компаниите се многу важни и што поскоро да се пласираат. Интерес има и од компаниите. Со банките на состанок в недела треба да се утврдат критериумите, а доколку не се направи тоа, може да се разгледа и можноста да се пласираат директно преку Развојната банка.

Претходно министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска изјави дека средствата од унгарскиот заем се на сметка.

– Имаме буџетски суфицит на сметката, а тоа остава и простор за помало задолжување на домашниот пазар од планираното. Очекувам дека ќе почне реализацијата на проектите и дека до  крајот на декември ќе се користат и средствата од заемот, а она што нема да се искористи ќе значи дека буџетскиот дефицит ќе се реализира во помал износ и ќе се пренесе поголемо салдо на буџетската сметка за наредната година. Имено, со ребалансот е предвидено да се пренесе салдо од 502 милиони евра – рече министерката Димитриеска-Кочоска во емисијата „360 степени“.

Македонската влада го доби овој кредит од Унгарската експорт-импорт приватна банка со камата од 3,25 проценти, грејс-период од 3 години и рок на отплата 15 години. Кредитот ќе се отплаќа на 24 полугодишни рати. Преку банките, Владата инсистираше да се пласира кредитот со иста камата како што е добиен унгарскиот заем – 3,25 проценти. Но, потоа на површина исплива дека таа стапка е само привид, а дека со вкупните трошоци достигнува 6,5 проценти. Владата најави субвенционирање на каматата, но побара од банките и тие да учествуваат во субвенционирањето.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот