Ќе носиме поскапи пижами, долна облека и костими за капење?

Реклама за долна облека , Фото: Profimedia

Директен резултат од секојдневното и непредвидливо поскапување на памукот, еластините, ликрата и гумата се зголемените цени на долната облека, пижамите и костимите за капење. Засега во трговијата не се лепат нови цени, ама граѓаните веќе забележаа дека и со актуелните попусти од 20 до 30 отсто, овие производи се поскапи од лани.

Маријана Перковска, претседател на Кластерот за текстил, за „Слободен печат“ вели дека се случува вистинско тектонско нарушување кај текстилните суровини, кои таа ги нема забележано во својата долгогодишна кариера. Уште поголем проблем е што при набавката на суровините, производителите не знаат каква фактура ќе добијат, оти добавувачите не даваат гаранции за цените. Од друга страна, додава Перковска, нашите партнери бараат едногодишна гаранција за стабилни цени за производите што ги нарачале!

– Ова е неверојатно и не знаеме во кој правец ќе се движи. Цените на суровините се менуваат од час во час, а ние мора да се држиме до договореното со партнерите. Сега  машините требаше нон-стоп да штракаат за новогодишните празници и за колекциите пролет-лето 2022 година, но, за жал, во фабриките се врти само една смена. Има нарачки, но тоа не е ништо во споредба со пред пандемијата – додава Перковска.

Останува и проблемот со хроничниот недостиг на работници, а сега плус не се знае колку здрави работници утре ќе седнат да работат.

И Ангел Димитров, директор на „Мода“ од Свети Николе, во изјава за „Слободен печат“ се согласува дека нарачките од нивните германски партнери малку мрднале, но се работи во една смена.

– Има позитивен исчекор, обезбедени сме со работа до февруари догодина, но засега се работи во една смена. Во моментот имаме 460 работници, а ако се зголемат нарачките, ќе има дополнителен ангажман – додава Димитров.

Обемното истражување на Здружението за истражување и анализи (ЗМАИ) за ефектите од ковид-19 врз текстилниот сектор покажа и дека учеството на текстилната индустрија од 2015 година до октомври 2020 година во вкупното индустриско производство се намалило од 16 отсто 12,9 отсто. Вкупно 677 текстилни фирми добиле државна поддршка за исплата на плати, што е 50 отсто од нивниот вкупен број. Најголем проблем за фабриките било затворањето на западните пазари, поточно Германија, што само ја зголемило неизвесноста. Некои од фабриките се пожалиле дека не добиле нарачки за период од 6 месеци до една година. Токму поради оваа причина дел од нив и не можеле да се обврзат на вработување на неопределено време. Околу 7.000 работници во браншата, главно со договори на определено време, ја загубија работата поради кризата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот