Ќе имаме ли среќа со првиот автомобил излезен од фабрика во Македонија?

Колаж: Слободен печат / Фото: egomobile

Надлежните уверуваат дека станува збор за инвестиција што ќе донесе пари во државната каса и поголеми плати, но многу граѓани, меѓу кои и истакнати стопанственици и новинари, зборуваат за „противаргументи“

Најавата дека германската компанија „Некст.е.го мобиле“ ќе изгради фабрика во Тетово за електрични возила и присуството на половина Влада на свеченоста, предизвикаа бурни реакции во јавноста. И истакнати бизнисмени споделија свое уверување дека од оваа инвестиција нема да биде ништо. На бурните реакции во јавноста одговорија надлежните, со уверување дека се претпазливи и дека меѓународна ревизорска куќа го анализирала работењето на компанијата и дека не нашла ништо спорно.

Со новиот концепт на ТИРЗ воведовме механизми за заштита на јавниот интерес, изјави Јован Деспотовски, директор на Дирекцијата на технолошко индустриски развојни зони (ТИРЗ) за вестите на Канал 5.

– Апсолутно сите клиенти, и потенцијални и актуелни, поминуваат низ процес на детална проверка. Ангажираме меѓународна ревизорска куќа, која во првичниот извештај за оваа компанија не индицираше никаде сериозен ризик. И самиот договор што го потпишавме содржи заштитни клаузули. Доделувањето на државната помош зависи од динамиката со која инвеститорот ќе ја реализира инвестицијата и, секако, од исполнување на условите предвидени со договорот. Компанијата нема да добие пари однапред туку има конкретни рокови и датуми што треба да се испочитуваат – вели Деспотовски.

Компанија „Некст.е.го мобиле“ ги прави автомобилите марка „е.ГО“. Фабриката во Македонија треба да почне да се гради наесен, а првите автомобили да излезат во 2024 година. Инвестицијата е проценета на 130 милиони евра, а државната помош, како што тврди Деспотовски, „нема да надмине 35 отсто од вкупната инвестиција, при што доделувањето на средствата зависи од динамиката на реализација на инвестицијата и исполнување на условите предвидени со договорот“.

Притоа, како што нагласи Деспотовски ,компанијата нема да користи даночни ослободувања, туку во целост има обврска да ги плаќа кон Буџетот и јавните фондови на државата.

– Овој модел на државна поддршка е усогласен со регулативата во ЕУ, а е еднакво достапен за сите странски и домашни компании – потенцира Деспотовски.

Тој рече и дека просечната бруто-плата во оваа компанија ќе биде 1.340 евра и дека ќе има 900 вработувања.

На настанот по повод потпишувањето на договорот за државна помош, се обрати и Али Везваеи, претседавач на бордот на компанијата „e-ГО“.

– Навистина сме возбудени што ќе го прошириме нашето производство во Република Северна Македонија, следејќи го нашиот напредок во Бугарија во претходната година. Нашиот стратегиски фокус во Југоисточна Европа се заснова на нашето верување во конкурентниот екосистем на регионот, атрактивна инвестициска клима и пристап до поттикнат и талентиран човечки капитал – рече Везваеи.

Сепак, во јавноста многумина изразија неверување, посочувајќи „контрааргументи“.

„Ниту на ФБ ниту на официјалната страна на ‘e-ГО’ нема никаква објава од компанијата дека денес се поставува камел-темелник на нивна нова фабрика во Тетово? Ако пребарате на Гугл, единствената фабрика е во Ахен, Германија, со вкупно 400 вработени. Со досега произведени 500 возила… Ова на Субрата Рој ми мириса“, напиша на својот фејсбук-профил бизнисменот Димитар Глигоров, сопственик на „Баухаус“.

Македонскиот сајт за автомобили „Аутомедија“ напиша: „Под Шар Планина ќе се произведува автомобил што никој не го сака“. Авторот на текстот, познат новинар од сферата на автомобилизмот, Дарко Јаконов, се повика на текст од германскиот магазин „Ауто билд“ каде што, како што можевме и да прочитаме, автомобилот добил лоши оценки на тест-возењето.

„На тест-возење во прочуениот германски магазин ‘Ауто Билд’, нашите ценети колеги заборавија секаков патриотизам и навивачка еуфорија и оценија дека тоа е најлошиот автомобил што воопшто се појавил на тест во историјата на магазинот“, напиша Јаконов.

Директорот Деспотовски, пак, нагласи дека станува збор за компанија што е тесно поврзана со Техничкиот универзитет во Ахен, кој е во врвните два проценти од светските универзитети по сите глобални рангирања.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот