Ќе има ли нови мерки, ќе заседава Комисијата за заразни болести

Ковид-амбуланта / Фото: МИА

 Комисијата за заразни болести денеска ќе одржи состанок на кој, како што најави министерот за здравство Венко Филипче, ќе бидат слушнати предлозите и согледувањата по последните анализи на состојбата со Ковид-19 во државава.

– Епидемиолошката состојба во земјава бележи зголемување на новодијагностицирани со Ковид-19 почнувајќи во периодот од пред две недели. Анализите покажуваат дека процентот на новодијагностицирани случаи и минатата во однос на претходната недела е зголемен за 25 проценти. Расте и Р0 факторот на преносливост од 1,05 на 1,14, што е јасен индикатор дека сега ќе има промена на релативно стабилната епидемиолошка состојба што ја имавме во претходниот долг временски период, истакна Филипче.

Според него, нови рестриктивни мерки не се потребни, доволно е да се почитуваат протоколите и да се зголеми процентот на вакцинација.

– Со членовите на Комисијата сме во континуирана комуникација и во периодот додека беше ситуацијата мирна. Освен размена на информации, така се евалуираше и потребата за официјален состанок. Во петок ќе има состанок согласно новите анализи. Во однос на мерките, ќе ги слушнеме предлозите и согледувањата. Јас сметам дека треба да продолжат превентивните мерки и да се зголеми процентот на вакцинација. Испративме писмо до сите матични лекари да ги повикаат своите невакцинирани пациенти, рече Филипче.

Еден од главните критериуми за воведување нови мерки, посочи, ќе биде ризикот во болничките капацитети кој засега не е евидентиран. – Клучен е опфатот на вакцинацијата. Тоа и почитувањето на превентивните мерки и протоколи, се излезот од кризата, додаде Филипче.

Заклучно со 9 ноември, како што информира Министерството за здравство, вкупно се вакцинирани 811. 226 граѓани, ревакцинирани се 782.460, а трета доза примиле 48 087 граѓани. Педесет и четири отсто од граѓаните над 40 – годишна возраст се ревакцинирани, а 33 отсто од популацијата од 18 до 39 години примиле барем една доза вакцина. Опфатот со вакцинација со една доза вакцина на полнолетната популација е 57 отсто, а со две дози опфатени се 46 отсто од граѓаните над 18 години. Според бројот на аплицирани вакцини, 39 отсто од целата популација во земјава е вакцинирана, а 37 отсто примила две дози вакцина.

Според последните податоци, во изминатото деноноќие регистрирани се нови 432 случаи на Ковид-19 од направени 2.663 тестирања. Починати се 13 пациенти, а оздравени 448 лица. Дополнително, преку „Мој Термин”, пријавени се пет починати лица со датум на смрт од 04.11.2021 до 09.11.2021. Регистрирани се починати лица од Крива Паланка (2), Скопје (1), Прилеп (1) и Виница(1), на возраст од 57-82г, од кои едно лице е починато во домашни услови, а четири во болнички услови.

Извор: МИА

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот