Ќе игра ли ЕУ по нотите на Орбан?

Фото: EPA-EFE/OLIVIER HOSLET

Унгарија го презема претседавањето со ЕУ. Десничарскиот унгарски премиер Виктор Орбан е првиот претседател на Советот на ЕУ кој јавно ги нападна и деградира институциите на ЕУ. Во своите говори и интервјуа во Унгарија, тој постојано тврдеше дека ЕУ го загрозува унгарскиот суверенитет, дека Унијата ги уништува средните компании и земјоделскиот сектор. И токму затоа мора да оди во Брисел, за да ги „размрда тамошните структури на моќ“.

Во последните неколку години Унгарија постојано става вето на одлуките на преостанатите членки на Унијата. И покрај основното расположение на унгарската влада, која може да се нарече евроскептична, министерот за европски прашања Јанош Бока гарантира дека неговата земја ќе биде „чесен посредник“.

До крајот на оваа година Унгарија ќе ги води состаноците на Советот на министри, ќе ги дефинира точките од дневниот ред на заедничките состаноци и ќе ги води преговорите со Европскиот парламент како законодавно тело на ЕУ, пишува ДВ.

Унгарија сака пари

Тензијата на односите меѓу премиерот Орбан и шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен е особено нагласаена во однос на финансиската помош за Будимпешта. Сепак, унгарската влада јасно ги отфрла ЕУ и нејзините принципи на владеење на правото во нивната сегашна форма, кабинетот на Орбан сè уште инсистира на исплата на пари од Фондот за реконструкција на последиците од пандемијата на коронавирус, односно кохезионен Фонд.

ЕУ „замрзна“ вкупно 30 милијарди евра финансиска помош, поради конкретната опасност од корупција во Унгарија, или оценката дека судовите во Унгарија повеќе не можат да се сметаат за независни.

Во меѓувреме дел од тие пари се „одмрзнати“, за да се добие (некои велат „купи“) поддршката на Орбан за испраќање дополнителна помош (политичка и воена) за Украина. За прв пат во историјата, претседателот на Советот на ЕУ беше казнет поради непочитување на таканаречениот „механизам за владеење на правото“.

 

Зеленски и Орбан / Фото: ALEJANDRO PAGNI / AFP / Profimedia

Унгарија не сака да и помогне на Украина

Унгарскиот министер за европски прашања Јанош Бока јасно и порача на Украина да не се надева на брз напредок во преговорите за членство, кои формално беа отворени на 25 јуни. За време на унгарското претседателство, ниту едно од 35-те преговарачки поглавја нема да биде отворено, и порача Бока на Украина.

Будимпешта и онака веќе некое време ја блокира финансиската помош за Киев, секаде каде што е можно. Во моментов, Унгарија одбива да даде согласност за испраќање воена помош за Украинците, во износ од 6,6 милијарди евра од еден единствен фонд на Унијата. Дали Унгарците, како земја претседавач со Унијата, ќе продолжат да инсистираат на своето вето за ова прашање во втората половина од годината?

Унгарската влада сè уште не дала јасен одговор на тоа. Но, дури и тоа би бил уникатен потег за земја која сака да биде „чесен посредник“ – за земја која во својата улога на претседавач со Унијата, всушност, треба да направи сè што е можно за да се постигне компромисно решение.

Унгарскиот премиер, кој и покрај санкциите на ЕУ продолжува да негува добри економски односи со руските компании, за време на кампањата за европските избори се претстави како лидер кој се залага за мир. „Нема да дозволиме да нè вовлечат во каква било војна, нема да дозволиме да нè принудат да примиме какви било илегални мигранти, а особено нема да дозволиме да ги превоспитуваат нашите деца“, рече Орбан на прославата на националниот празник во март годинава.

Напредокот во Западен Балкан

Земјите од Западен Балкан, кои сакаат да станат дел од ЕУ, можат да се надеваат на нов поттик во однос на преговорите со Унијата. Притисокот кој доаѓа од некои делови на ЕУ во корист на (отпочнување) преговори со Украина треба да се пренасочи кон Западен Балкан, најави министерот Бока. „Претседателството си постави за цел да го шири овој ентузијазам во земјите од Западен Балкан, за сите да се приближат до членството“, изјави Бока во Брисел, пишува ДВ.

Почетната точка, додаде тој, е дека може да се отвори цела низа нови преговарачки поглавја со Србија. Унгарија и Србија се резервирани во однос на европската политика кон Украина и се поблагонаклонети за руските барања. Според Европската комисија, поради сè поавторитарниот државен поредок, Србија во последните години повеќе се оддалечила од членството отколку што се приближувала до него.

Што се однесува до Црна Гора, Унгарија како претседавач со ЕУ планира да затвори што е можно повеќе поглавја од преговорите со Подгорица. Треба да се постигне напредок и за прашањето за Северна Македонија и Албанија. Со тие две земји, Унгарците планираат евентуално во следните шест месеци да одржат владина конференција меѓу ЕУ и Скопје, односно Подгорица, за да ги „протуркаат“ преговорите.

За разлика од земјите од Западен Балкан, Будимпешта ја исклучува можноста истата конференција да се одржи со властите во Киев.

Фото: wallpaperflare.com

Унгарска (не)моќ

Влијанието што претседателот на Советот го има врз водењето на политиките на ЕУ не треба да се прецени, смета Ту Нгуен од тинк-тенкот Жак-Делор-Центар во анализа за списанието „Интернационале политика“ („Меѓународна политика“). .

Програмата на претседателството и онака одамна е позната, тврди Нгујен и додава дека Унгарија евентуално може само да стави неколку свои акценти на неа.

Веднаш по изборот на новото свикување на Европскиот парламент и онака не се случуваат големи работи во однос на законодавството, предупредува Нгујен. И тој смета дека унгарското претседателство „се случува во време кога европските институции се зафатени со кадровски надмудрувања, а пред сè со назначување на нова Комисија.

Поради ова, во тие шест месеци ќе се одвива релативно малку законодавна работа, во чиј процес е особено важна улогата на претседавачот“, смета овој експерт и заклучува дека веројатно нема да има многу потреба од Унгарија да ја игра улогата на посредник во трилатералните преговори меѓу Комисијата, Советот и Европскиот парламент.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот