Ќе грее ли БЕГ ноќе кога температурите ќе се спуштат до минус 10 степени?

парно радијатор греење
Парно греење / Фото: Архива на Слободен печат

Системот за централно греење со кој управува БЕГ е целосно во функција и се испорачува топлинска енергија до потрошувачите, велат од БЕГ – снабдување, по многубројните реакции на граѓаните дека радијаторите се млаки, дека греењето не е доволно и дека наместо во шест часот наутро започнува еден час подоцна.

– Рекламациите кои досега се евидентирани во Центарот за грижа на потрошувачи се однесуваат на поединечни станови или објекти, каде екипите веднаш излегле на терен. Доколку е констатиран локален дефект во објектот екипите на БЕГ интервенираат или даваат насоки на потрошувачите да се обратат на сервис за да го отстранат дефектот (ако дефектот е на внатрешната грејна инсталација) – тврдат од БЕГ.

Оттаму, за „Слободен печат“ повторно нагласуваат дека во услови на енергетска криза системот работи во оптимизиран режим со цел внатрешната температура во домовите да се одржува на 20 степени Целзиусови, па доколку некои објекти се соочат со локален проблем и имаат послабо греење да се обратат во Центарот за потрошувачи.

Но, од БЕГ не одговорија попрецизно на прашањата како одредуваат дека количината на топлинска енергија што ја испорачуваат деновиве е доволна за становите да се затоплени на 20 степени, ниту на тоа дали е оправдано граѓаните да стравуваат дека ќе останат без парно во наредниот период. Со оглед на фактот дека во следните неколку дена се прогнозира пад на ноќните температурите во Скопје до минус 10 степени, нема одговор ниту на прашањето дали ќе се продолжи греењето ноќе и дали ќе се испорачува повеќе топлинска енергија до домовите.

Според Правилата за снабдување со топлинска енергија донесени од Регулативната комисија за енергетика и водни услови, во текот на грејната сезона снабдувачот има обврска да обезбеди минимална температура од 20+1º C во грејните простории во времето од 6.00 до 22.00 часот во текот на денот при потполно отворени радијаторски вентили. Притоа, снабдувачот го гарантира договорениот квалитет за испорака на топлинска енергија единствено во објекти во кои внатрешната грејна инсталација е технички и функционална исправна и во кои не е нарушен енергетскиот биланс.

Во Правилата се регулирани и условите кога може на дневно ниво да се прекине парното, а тоа да не е поради дефект или „виша сила“ како што се наведува. Во член 47 се вели дека снабдувачот во текот на грејната сезона при високи надворешни температури на воздухот, може да ја прекине испорaката на топлинска енергија во времето од 6.00 до 22.00 часот, но притоа е должен да обезбеди температура од 20+10С во внатрешните простории на потрошувачот.

При ниски температури периодот на греење може да се продолжи.

„При ниски надворешни температури на воздухот снабдувачот може да го продолжи периодот на греење со цел заштита на енергетските објекти на системот за далечинско греење и постигнување на пропишаната температура во внатрешните простории, а притоа рационално да се однесува кон потрошувачката на енергијата“, се вели во Правилата за снабдување со топлинска енергија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот