Ќе го изгуби ли државата заемот од 70 милиони евра ако не се воведе БРТ превоз?

данела арсовска брт превоз
Брт превоз во Скопје / Колаж: СП. / Фото: Град Скопје, Данела Арсовска

На неодамнешниот брифинг со новинарите Арсовска најави дека во наредните денови ќе има состаноци со експертите од ЕБОР за да се запознае со условите и што било досега договорено и направено, но нагласи дека нема да го реализира проектот.

Државата најверојатно ќе го изгуби заемот од 70 милиони евра од Европската банка за обнова и развој доколку градоначалничката Данела Арсовска остане на својата одлука дека нема да не го имплементира брзиот автобуски превоз во Скопје. Од ЕБРД посочија дека овој заем е одобрен откако е направена детална проценка на проектот, а дека средствата се наменети токму за овој проект. Со други зборови, не можат да се пренаменат.

На неодамнешниот брифинг со новинарите Арсовска најави дека во наредните денови ќе има состаноци со експертите од ЕБОР за да се запознае со условите и што било досега договорено и направено, но нагласи дека нема да го реализира проектот.

Јас БРТ не ветив, туку брз, навремен и бесплатен јавен превоз и нови 250 автобуси. БРТ беше проект на мојот претходник, кој не беше избран на овие избори, што значи дека граѓаните не го одбраа тој проект – рече новата градоначалничка на Скопје.

Сепак, најавената средба сѐ уште не се одржала, ниту има прецизни информации кога тоа би се случило.

Во наредниот период следат  средби со ЕБОР, а во тек е анализа на документацијата за БРТ проектот во Град Скопје, по што ќе излеземе со конкретни одговори за јавноста – кусо одговараат од Град Скопје на прашањето од „Слободен печат дали Арсовска веќе договорила состанок со ЕБОР во врска со договорот за заем за реализација на овој проект.

Оттаму не одговараат ниту дали градоначалничката сѐ уште останува на ставот дека нема да го спроведе веќе договорениот проект, ниту дали таа се консултирала со експерти околу оваа своја одлука.

Државното собрание на почетокот на април годинава го донесе Законот за задолжување на Република Северна Македонија со заем кај Европската банка за обнова и развој по Договорот за заем за финансирање на проектот „Воведување на брз автобуски превоз во Град Скопје“, со кој државата се задолжува кај ЕБОР со 70 милиони евра. Во Законот е прецизирано дека заемот се доделува во две транши, првата е во износ од 47.600.000 евра, а втората од 22.400.000 евра. Рокот за отплата на првата, а потоа и на втората транша е 15 години со вклучен грејс период од четири години. Заемот ќе се отплаќа од државниот Буџет.

Во Законот за задолжување се вели и дека државата ќе и плаќа на Европската банка за обнова и развој „провизија за неповлечени средства во висина од 0,5% од заемот на годишно ниво. За износот на неповлечени средства од заемот за првата транша провизијата ќе започне да се пресметува по 60 дена од денот на потпишувањето на Договорот за заем , а провизијата за неповлечени средства за втората транша ќе започне да се пресметува по седум дена од денот на достапноста за користење на втората транша“.

Веднаш потоа Град Скопје, Министерството за финансии и ЕБОР го потпишаа договорот за БРТ, а во кон крајот на октомври на веб сајтот на банката беше објавен меѓународниот тендер. Тендерот опфаќа проектирање и изградба на коридорот на линијата 1 од БРТ, како и изградба на депо во Ново Лисиче и надградба на депото во Ѓорче Петров.

Тендерот ќе се спроведува во две фази. Првата претквалификациска фаза ќе трае до 14 декември, а фирмите кои ќе ги исполнат условите од тендерската документација ќе се квалификуваат во втората фаза, по која ќе се избере  изведувачот на проектот.

Проектот за изградба на систем за брз автобуски превоз се подготвуваше две години и во него беа вклучени реномираните експерти од универзитетите во Скопје и Битола, Белград, Лондон и Брисел.

Министерство за финансии: Нема официјално известување од Град Скопје за откажување на договорот со ЕБOР

Од Град Скопје не е пристигнато официјално известување за раскинување на договорот со Европската банка за обнова и развој за проектот за БРТ превоз во Скопје, па од Министерството за финансии сметаат дека сега не е време да излезат со став дали во тој случај би се враќале парите од заемот или би можеле да се пренаменат. Нема одговор ниту дали во тој случај би се платила отштета и колку.

-До Министерството за финансии и до Владата на РС Македонија нема стигнато официјално известување дека Град Скопје се откажува од претходно договорениот проект со ЕБОР за кој Министерството за финансии во име на Владата на РС Македонија има потпишано Договор за заем со ЕБОР на 21.04.2021 година, а врз основа на претходно донесен Закон за задолжување за овој проект од страна на Собранието на РСМ, објавен во Сл.весник бр.77 од 06.04.2021 – велат од Министерството за финансии.

Оттаму додаваат дека доколку Владата и Министерството за финансии добијат официјално известување од страна на Град Скопје, дополнително ќе се произнесат за него и воедно ќе се извести и ЕБОР за предметното барање.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот