Ќе добијат ли Центар Жупа и Маврово-Ростуше повереник наместо градоначалник?

Маврово, Фото: Архива

Владата во рок од 15 дена ќе именува повереник за вршење на работите од надлежност на градоначалникот, доколку и по вториот круг од кои било причини не се изврши избор на градоначалник. Законот, исто така, предвидува во рок од 15 дена по денот на именувањето на повереник, Владата да го извести претседателот на Собранието да распише избори за градоначалник во тие општини каде што не исполнет цензусот.

Оваа тема се наметна откако во општините Центар Жупа и Маврово-Ростуше, во првиот круг на локалните избори немаше доволна излезност на гласачите, односно таа беше под законски пропишаните 33 проценти од запишаните избирачи. Во Центар Жупа излегле да гласаат 25,6 проценти од гласачкото тело, а во Маврово-Ростуше излезноста била 31 процент.

И двете општини имаат огромен број печалбари, главно во Италија и во Германија, како и во други европски земји. Економската криза, ковид-пандемијата, стравот да не се загубат работните места и загрозената егзистенција, овој пат беа причина што изостана вообичаениот бран на враќање во родните села заради гласање.

Градоначалникот на Општината Маврово-Ростуше Медат Куртовски вели дека ќе биде тешко да се избере градоначалник доколку гласаат само тие што се присутни во реканскиот крај.

– Од присутните граѓани гласаа повеќе од 80 отсто. Во нашата општина има 10.144 гласачи по Избирачки список, но поголемиот дел од гласачите во долнореканските села во моментов се во западноевропските земји. Дел од жителите на горнореканските села живеат во Гостивар, па во своите домови тука се помалку од една третина од лицата со право на глас – вели Куртовски.

За да се обезбеди цензусот во Центар Жупа потребни се околу 2.500 избирачи. Во оваа општина бројот на гласачи е 7.317, а во првиот круг гласаа околу 1.800 лица.

– Дијаспората овој пат не дојде и не можеме да го постигнеме цензусот на излезност. На претходните избори доаѓаа со автобуси, ама сега фати кризата со ковидот, многумина изгубија работа, се борат за егзистенција и не можат да си дозволат патување. Без дијаспората – толку сме, нема луѓе, нема ни цензус за избори – вели Аднан Салиу, претседател на месната заедница во селото Жировница, од каде најмалку една третина, главно помлади луѓе, се заминати во потрага по подобар живот.

Кога ќе биде завршена постапката за приговори, ДИК ќе излезе со официјални конечни резултати од првиот круг на локалните избори и ќе се знае и во кои други општини ситуацијата со цензусот е слична на онаа во Центар Жупа и во Маврово-Ростуше, односно каде помалку или повеќе има проблем со цензусот, вели Адмир Шабани, портпарол на Државната изборна комисија.

Куртовски очекува дека со новиот попис, ако се утврдат нови правила во однос на резидентното и нерезидентното население, можеби ќе се менува и бројот на гласачи за изборен цензус.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот