Според новиот протокол кој го предлагаат угостителите, се бара во работното време до 21 часот, на свадбите да не се играат ора, а чест да одиграат танц, да имаат само младенците. Бараат да нема жива музика и ограничен број гости.
Средствата за дезинфекција да бидат задолжителни на секоја маса а персоналот да мора да носи маски. Доколку надлежните ги одбијат овие барања протестите на угостителите, ќе продолжат од наредната недела. Вицепремиерот Фатмир Битиќи и директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски, веќе се изјаснија дека здравјето на граѓаните е најважно.
Според податоците на Независната угостителска комора, во земјава се регистрирани безмалку 6.500 угостителски објекти, од кои речиси 100 работат како ноќни клубови, кабареа и дискотеки, а повеќе од 200 се специјализирани за прослави и веселби. Инвестицијата изминатите години во овие угостителски објекти е поголема од 50 милиони евра. Годишниот промет што овие угостители го правеле изнесувал речиси 100 милиони евра.
Според податоците на Државниот завод за статистика, во четвртото тримесечје од 2020 година, бројот на склучените бракови е намален за 19,7 отсто во споредба со истиот период од 2019 година и изнесува 2.689 бракови.