Kirilicata e cool!

александар шољаковски
Александар Шољаковски, Фото: Архива

Во соседна Србија и во Република Српска деновиве се донесени закони за афирмација, зачувување и одбрана на кириличното писмо. Oвој потег, колку и да има чиста политика, се чини дека допира еден проблем што на овие балканско-словенски простори поставува многу недоумици и прашања. И тие не се нови. Наскоро треба да очекуваме дека некој благонадежен Македонец ќе го отвори ова прашање.

Во 1970/71 работев едно време во дневно-информативната редакција на Радио Скопје. За хонорарците се грижеше Кирил Бујуклиев, попознат како поет. За да нè опита како размислуваме и пишуваме, ни даде некои задачи на слободни теми. Мене ми се падна задачата да разгледам како се напишани имињата на фирмите и на производите низ скопската трговија. Во тие години на отворање на земјата кон светот навлегоа производи, а со тоа и влијанието од запад: сè повеќе фирми, упатства, натписи, логоа, производи… почнаа да се испишуваат на латиница. Срамежливо, но незапирливо. Коментарот беше дека на оваа појава треба соодветно да се реагира и да се ограничи и да се регулира, зашто треба да го сочуваме нашето писмо, традиција… и бла, бла, бла…!

Во наредните децении, ми се чини, се донесоа и некои закони, но ефектот беше речиси никаков. Сега на латиница се напишани безмалку сите фирми и поголемиот дел производи. Често и производи што се наменети за продажба и консумација исклучиво во Македонија. Увезените производи имаат налепница со македонски превод на упатството за производот. Но тие се толку ситно испишани, често замачкани (очајно лошо преведени) и затоа најчесто се неупотребливи.

Главната „закана и напад“ сепак доаѓа од телевизијата, интернетот и социјалните мрежи кои се, главно, латинични, и тоа е, се чини, пресудно. Ретко кој кога пишува пораки обезбедува и соодветна поддршка. Текстовите на популарната светска музика, разбирливо, се на латиница. Видел ли некој кирилична тастатура? Во мобилната телефонија се користи латиницата. Англискиот е сеприсутен за што и да се работи. Сите меѓународни номенклатури во сообраќајот, регулативите во трговијата и што уште не – се латинични.

Притоа, кирилицата не успева да парира. Речиси сите фонтови на кирилицата се изведени од латиничните фонтови. Ретко имате оригинална фонтовска креација (секоја чест на пионерските настојувања на Ласко Џуровски, но и тој на Фејсбук се појавува како Dzurovski.) Атракцијата на ликовниот впечаток отсуствува.

Кирилицата е, меѓу другото, нерационална. Зафаќа барем десетина отсто повеќе простор од латиницата. Сите оние њ, љ, ш, ж, ја чинат екстензивна. Освен тоа, водечка земја што ја користи кирилицата е Русија, а таму со децении не се посветуваше големо внимание на естетското.

За заштита и сочувување на кирилицата, треба нешто повеќе од закон. Во Србија работата беше доведена до крајност. Таму има само два-три позначајни весници и магазини што ја користат кирилицата. Сите тиражни изданија се латинични. Безмалку сите книги се печатат латинично. Ситуацијата беше уште подрастична пред триесетина години, но со националните (националистички!?) докажувања и настојувања состојбата барем привидно се врати назад. Во корист на кирилицата. Очигледно, работата не е поволна кога мораше да се донесат вакви закони.

(Патем, се сеќавам дека во осумдесеттите на двапати во Скопје, за колеги од Белград, сум купувал машини за пишување со српска кирилица! Таму ги немаше. Зошто ги имаше во Скопје, а не и во Белград, тоа и до ден-денешен не ми е јасно).

За да може нешто да се направи кај нас, треба многу тактика, трпение и добра волја. Претенциозно е во Македонија да се настојува ултимативно на кирилицата, кога една третина од населението за своите јазици ја користат латиницата. Издавачката област засега е добро заштитена, но што ќе се случи ако некои издавачи (од мода или по некоја инерција) решат да печатат и на латиница? Всушност, постои и пропишана македонска латиница. Ако влеземе во Европа, инерцијата ќе се засили.

Ако се концентрираме кон тоа да зборуваме за идентитет, интегритет, достоинство… ништо не сме направиле. Умешност би било да се сочува кирилицата, а да се признае сеприсутноста на латиницата. Да се воспостават правила на однесување, и тоа не само задолжително и присилно. А за тоа треба да се поработи и да се стимулира естетиката на писмото, пред сè.

Да се стаса дотаму да почувствуваме и да видиме дека и кирилицата можеби може да биде cool!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот