Кирил Јанчовски отворено зборува за предизвиците пред кои бил исправен: Новиот бубрег ме врати во живот

Триесет и шестгодишниот Кирил Јанчовски од Скопје пред неколку години се соочи со сериозен здравствен проблем. Неговите бубрези целосно престанаа да работат, поради што тој беше соочен со тежок предизвик како да успее нормално да ги извршува секојдневните работни задачи, како и семејните и родителските активности, а притоа да не дозволи болеста да владее со него.

Решението за неговиот проблем било да најде соодветен донор, кој ќе му го даде својот бубрег, по што Кирил би можел повторно да продолжи со својот живот без притоа постојано да се плаши за здравјето и да се соочува со можноста неговата здравствена состојба дополнително да се комплицира.
Неговото потесно семејство не било компатибилно со него, со што можноста некој од нив да даде бубрег и да му го спаси животот, буквално паднала во вода. Како последица на тоа, младиот Кирил бил принуден да почне со дијализа која, како што вели, буквално почнала да му го „контролира“ животот поради тоа што трипати неделно морал да одвои од 5 до 6 часа за дијализниот третман.

Сепак, кога надежта за тоа дека работите наскоро ќе се променат почнала да спласнува, Кирил добил повик дека треба веднаш да оди да се оперира бидејќи бил пронајден компатибилен бубрег од починат донор. Оттогаш до сега поминале 11 месеци, а младиот Кирил се чувствува како да живее втор живот, среќен и задоволен, но и горд бидејќи успеа да остане силен и во најтешките денови од неговиот живот….

Вие ѝ станавте познат на македонската јавност откако буквално станавте гласноговорник кој се обидува на јавноста да ѝ покаже и докаже и тоа преку лично искуство дека донирањето органи спасува живот. Какви се вашите искуства околу ова прашање?

– Искуството е секако позитивно. Целиот процес помина одлично и без никакви компликации. Презадоволен сум од медицинскиот тим кој беше вклучен во оперативниот и постоперативниот период. Во моментот живеам втор живот благодарение на хуманите луѓе. Морам да нагласам дека за пациентите на дијализа единствената можност повторно да имаат нормален и функционален живот е кадаверичната трансплантација односно трансплантација на бубрег од починат донор.

Дали донирањето на органи кај нас сè уште е табу-тема? Што сметате дека е потребно да се направи за на јавноста да ѝ стане појасно дека со донирање органи можат да се спасат животите на многу луѓе?

– Македонскиот народ мислам дека e, пред сè, хуман народ, и дека голем дел од луѓето се подготвени да направат ваков хуман гест и да донираат органи од свои починати блиски на пациенти што се на дијализа. Сакам да им се заблагодарам на сите семејства што одлучија да донираат органи од свои починати блиски со цел да помогнат на пациенти што се на дијализа.

Сепак, сметам дека кампањата за донирање органи треба почесто да е присутна во медиумите и да трае преку целата година, со трибини, емисии, ТВ-спотови итн. Воедно би сакал да нагласам дека треба и да се зголемат капацитетите на Клиниката за урологија за да може да се извршат што е можно повеќе трансплантации.

Ова го кажувам од причина што на листата на пациенти што чекаат бубрег се наоѓаат 150 лица, но многу други пациенти кои се на дијализа ги прават потребните тестирања да можат да бидат ставени на листата. Или поедноставно кажано годишно од починат донор треба да се извршат минимум 30 трансплантации за да имаме поголема раздвиженост на ова поле и кај пациентите на дијализа да се врати оптимизмот дека постои решение и побрзо ќе се вратат во нормалниот живот.

За жал пред неколку години се соочивте со потребата да ви биде пресаден орган? За што конкретно стануваше збор и кои се животни премрежија моравте да ги поминете во тој период. Гледавте ли тогаш „светлина на крајот од тунелот“, бевте ли оптимист?

– Пред околу 5 години ми беше дијагностицирана автоимуна болест ИГА нефропатија. Меѓутоа болеста беше брзопрогресирачка и за година и пол функцијата на бубрезите откажа. Со оглед на тоа што во тој момент не можев да најдам сроден донор од моето семејство, единствената опција беше дијализа. Во тој момент процесот на кадаверична трансплантација беше запрен и реално не гледав излезно решение за мојата состојба.

Како ја прифативте веста дека пресадувањето орган кај вас е единствениот начин да се вратите во нормалниот живот?

– Од лекарскиот тим ми беше посочена трансплантацијата од сроден донор како единствено решение пред отпочнувањето на дијализата.  Искрено треба време за човек да ја прифати веста дека треба да најде орган за да функционира нормално, во спротивно целиот живот ќе му се промени односно ќе започне со дијализа. Бидејќи не најдов сроден донор, почнав со дијализа.

Со почнувањето на дијализа, секој пациент може да увиди како му се променува животот во целост. Сè е подредено на дијализата. Мора да се одвојат 5 до 6 часа трипати неделно за дијализен третман. Нема можност за прескокнување на дијализата. Потребен е одреден период додека еден пациент на дијализа се навикне по завршувањето на работното време да почне со дијализа и тој начин на живот да го сфати како нормално функционирање. Доколку сакаме да одиме некаде на одмор, мора да се закажат термините неколку месеци однапред, мора да имаме човек со нас итн.

Дали освен во македонските клиники, побаравте решение за вашата болест и во земјите надвор од границите на Македонија?

– Во странство не може да се добие орган од кадавер.

Како се чувствувавте кога дознавте дека е пронајден соодветен орган за вас?

– Во моментот кога ме известија дека е најден компатибилен орган за мене, искрено бев збунет. Ми поминуваа секакви мисли низ главата (од страв до среќа, од задоволство до тага, најмногу неизвесност дали и како ќе се заврши воопшто операцијата), но се согласив веднаш да дојдам на клиника и единствено се надевав дека сè ќе помине добро.

Колку време помина по операцијата и како се чувствувате сега?

– Од операцијата до сега поминаа 11 месеци и се чувствувам одлично. Резултатите се во ред и можам да се вратам на секојдневните обврски без никакви проблеми, и без она чувство дека вечер сум пак на дијализа. Можам да работам, да патувам, да се посветам на што било, единствено е потребно редовно да ја земам таблетарната терапија.

Дали сметате дека позитивните искуства на луѓе на кои веќе им биле донирани органи можат да помогнат да се развие свеста кај населението за донирање на органи?

– Секако сметам дека моето позитивно искуство треба да биде презентирано пред јавноста, со цел јавноста да биде запознаена дека донирањето органи е многу хуман начин да се помогне на лица што се на дијализа, со што повторно ќе можат да го живеат животот исполнето и среќно.

Преку Здружението „Нефрон“ долги години се прават напори да се поткрене темата на заслуженото ниво меѓу јавноста, постојано има соработка со пациентите и семејствата, се споделуваат искуства, позитивни приказни, се реализираат разни видови активности и соработки. Сепак, сметам дека за јавноста многу ќе придонесе да се крене свесноста доколку има голема национална кампања за дарување органи и трансплантација по примерот на развиените земји.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот