Ќириќ: Косово игра извонредно, но фудбалот во Македонија го заслужува ова ЕП!

фото: фФМ

Македонската фудбалска А репрезентација доколку го совлада Косово во полуфиналето од Лига на Нации, натпреварот за пласман на ЕВРО 2020 ќе го игра на гости во Грузија или Белорусија.

Селекторот на сениорите, Игор Ангеловски истакна дека жрепката не беше наша страна, но важно е да се оди чекор по чекор.

После и потврдата на полуфиналните двојки во Лигата „Д“, својата анализа околу натпреварите за пласман на ЕП 2020 ја сподели поранешниот македонски репрезентативец, Саша Ќириќ (51).

– Гледано од аспект на жрепката, среќата не ни беше наклонета. Како прво во полуфиналето, што ни е познато од порано, го играме со најдобриот противник од сите останати. Со Косово кое игра извонредно во квалификациите и е противник за респект, а од друга страна дефинитивно ќе имаме огромна поддршка од трибините – ни изјави Ќириќ.

Домаќин на финалето да биде подобриот од дуелот Грузија – Белорусија беше одлучено по денешната жрепка за баражите во Лигата на нации во Нион.

– Финалето што ќе го играме кај победникот од Грузија и Белорусија исто така ќе биде тешка задача пред сè поради квалитетите на противниците, (од кои според мене Грузија е поопасниот) и неможноста на нашите навивачи поради далечина во голем број да ја дадат поддршката на нашите репрезентативци – додаде Ќириќ.

51-годишниот Ќириќ своевремено како професионален фудбалер беше врвен голгетер настапувајќи во Бундес лигата за Нирнберг (47 натпревари, 21 гол) и Ајнтрајт Франкфурт.

На клупски воедно ги бранеше уште боите на Металург, Пелистер, Вардар, ЦСКА Софија, Арау, Тенис Борусија Берлин и Кикерс Офенбах. За најдобрата македонска репрезентација имаше 26 натпревари и осум постигнати голови.

– Од фудбалски аспект ние сме најквалитетна репрезентација и со играта што ја прикажуваме, заслужуваме да играме на следното ЕП. Јас, како и сите искрени љубители на фудбалот во Македонија верувам дека токму овие, се надевам, два натпревари ќе ја покажеме сета сила и квалитет што ги поседуваме и на крајот ќе бидеме дел од најдоброто во Европа. Сите заеднички сега треба да ја дадеме поддршката на момците затоа што тука се работи за многу повисоки цели од личните интереси или суети. Фудбалот во Македонија го заслужува ова ЕП.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот