Кинотека: Монографијата „Манчевски“ е достапна онлајн

Монографијата „Манчевски“ во издание на „Арс ламина – публикации“ е достапна преку интернет-страницата на Кинотека. Заинтересираните ќе можат бесплатно да го симнат ексклузивното издание за Милчо Манчевски, еден од најзначајните и најнаградувани македонски режисери.

Монографијата „Манчевски“, промовирана во 2015 година, сè уште предизвикува голем интерес кај читателите и љубителите на филмот. Повеќегодишниот комплексен, меѓународен и мултидисциплинарен публицистички проект од кој произлезе оваа монографија, на уредникот и автор Марина Костова во 2018 година ѝ ја донесе наградата „Мито Хаџивасилев-Јасмин“ – највисоката државна награда за новинарство и публицистика.

Оваа обемна (650 страници) компилација од текстови, белешки и фотографии дава увид во досегашната кариера на еден од најоригиналните и најиновативни современи режисери и уметници. Аспектите на творештвото на Милчо Манчевски како филмски автор, фотограф, концептуален уметник и писател во оваа книга се истражени низ продлабочени анализи на осуммина филмски теоретичари, филозофи и историчари на уметност од САД, Велика Британија, Германија, Австралија, Ирска, Шведска и од Македонија. Оригиналниот дизајн на книгата е на германскиот графички дизајнер Матијас Хајпел.

За спецификите на филмскиот израз пишува Конор Мекгрејди во „Фрагменти, слоеви и временска испрекинатост: опсервации за филмските дела на Милчо Манчевски“. Филмскиот првенец на Манчевски, долгометражниот „Пред дождот“ (1994), го анализираат Ен Киби во „Теорија на сликата“, Ијан Кристи во „Бесконечна приказна“ и Сашо Александар Ламбевски во „Чувствувајќи го параноикот, шизото и депресивецот: Семиотичка анализа на емотивната архитектура на Македонија во ‘Пред дождот’“.

За „Прашина“ (2001) пишуваат Ерик Тангерстад во „Кога приказната ја крие приказната: Наративната структура на ‘Прашина’ (2001) на Милчо Манчевски“ и Ирис Кронауер во „Бришење на Прашина во Венеција“.

Катерина Колозова е автор на анализите „‘Сенки’ на Манчевски: Сексуалност и меланхолија“ и „За ‘Мајки’ на Манчевски: Анатомија на мизогинијата“. За ликовниот опус македонскиот режисер пишуваат Конор Мекгрејди во „Време, нарација и приказ: Делото на Милчо Манчевски во перформанс и фотографија“ и Соња Абаџиева во „Концептуални практики во ликовните наративи на Милчо Манчевски“.

– Голема збирка архивски факсимили – продукциски белешки, сториборди, писма, лични белешки, рецензии и интервјуа – исто така се дел од книгата, со намера да фрли светло врз процесот на работа на авторот, како и на приемот на неговото дело кај публиката и критиката. Овие архивски материјали, грижливо избрани од морето архивска граѓа, интегрално ја дополнуваат сликата за опусот на авторот – велат од Кинотеката. Дел од книгата се и теориски есеи и проза на Манчевски, кои го заокружуваат увидот во неговото творештво.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 36, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 20-21 јуни 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот