Кинотека: Монографијата „Манаки“ е достапна онлајн

Националната кинотека на својата веб-страница продолжи да „прикачува“ дел од своите изданија, со што тие се достапни за пошироката јавност, за кинотечната публика и за сите што сакаат да дознаат нешто повеќе за домашната и за странската кинематографија.

По сите досегашни броеви на „Кинопис“, списанието за теорија и историја на филм, достапна за читателите е и монографијата „Манаки“ од авторот м-р Игор Старделов, издание на Кинотека од 2003 година.

Монографијата е еден заокружен научен труд за дејноста, значењето и активноста на првите сниматели на Балканот – браќата Јанаки (1878-1954) и Милтон (1880-1964) Манаки – и донесува нови сознанија за нивната фотографска, филмска и киноприкажувачка дејност. Низ шест поглавја авторот ги разгледува не само биографските моменти и творечкиот опус на браќата Манаки, туку и критички демистифицира одредени историски факти и тврдења за нивниот живот и дело, ја анализира содржината и структурата на нивните филмови и изразните елементи, како монтажа, структура и хронотопичност на кадар, семиотика на филмска слика, кинестетски карактеристики на масовните сцени итн.

На крајот, со посебен прилог Старделов се осврнува кон предизвиците на реставраторските и конзерваторски хемиски процеси со кои се заштитени филмските ленти на Манакиевци. Филмовите на браќата Манаки, реставрирани и дигитализирани, Кинотеката ги издаде на ДВД во 2014 година.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 32, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 23-25 мај 2020)

Видео на денот