Кинотека: Книга од Атанас Чупоски за филмскиот режисер Андреј Тарковски е достапна онлајн

Кинотеката на Северна Македонија за пошироката јавност преку својот сајт овозможи да се преземе филмолошката книга „Христијанските слики и симболи и нарацијата во филмовите на А.А. Тарковски“ на д-р Атанас Чупоски.

Во кинотечното издание од 2012 година, на речиси 250 страници, „основен предмет на истражувањето, преку компаративно, интердисциплинарно вкрстување на методите на митокритиката, наратологијата, филмската теорија и православната христијанска аскетика, се христијанските слики и симболи актуализирани во филмовите на Андреј Тарковски, и спецификите на неговото филмско раскажување“, открива авторот, а сето тоа го елаборира преку анализа на филмовите „Андреј Рубљов“ (1966), „Сталкер“ (1979) и „Жртвопринесување“ (1986) на култниот советски режисер.

Авторот Атанас Чупоски (1969) е писател и поет, сценарист и режисер, радиоводител, професор, компаратист и филмолог, доктор на филолошки науки. Автор е на повеќе од двесте книжевни и филмолошки студии, есеи, песни, раскази и публицистички текстови, објавени во повеќе списанија за литература, филм, уметност и култура, дневни, неделни и месечни списанија, весници и портали. Сценарист и режисер е на неколку документарни филмови, какви што се „Копаничарите“, „Глас“, „Охридските трубадури“, „Скендербег и Светиград“, „Сведоци“ и други.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 34, во печатеното и електронското издание на „Слободен печат“ на 5-7 јуни 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот