Кинотечни месечници (1977-1987): Дигитализирана едиција на македонските „филмски тетратки“

Кинотеката на нејзиниот сајт ги објави дигиталните верзии на изданијата „Кинотечен месечник“, кои излегуваа од 1977 до 1987 година. „Кинотечните месечници“ се еден вид претходници на кинотечните изданија, од кои понатаму се издвојуваат месечните кинотечни филмски програми и „Kинопис“ – списанието за историја, теорија и култура на филмот и другите уметности.

Потребата за издавање на „Кинотечните месечници“ се појавила како потреба за вреднување и анализирање на филмското творештво. Во објавата на уредништвото од првиот број на „Кинотечен месечник“, забележана е естетската идеја-водилка на неговите творци: „Кинотечен месечник се појавува во моментот кога решавањето на потребата за вреднување и анализирањето на филмското творештво кај нас стана неизбежно, и кога недостигот од континуирано стручно следење на кинематографската проблематика се заканува да забави некои од највиталните процеси во создавањето на филмското дело и филмската мисла. Затоа очекуваме неговото појавување да биде прифатено и оценето – не само како институционално регистрирање на активностите на Кинотеката на Македонија, туку и како можност да се поттикне една – колку нова, толку неизбежна публицистичка дејност во нашето кинематографско искуство“.

На првата редакција на месечниците – Илинденка Петрушева, Ѓорѓи Василевски, Благоја Куновски, Мартин Панчевски и Дубравка Рубен – кои воедно беа и автори на поголемиот дел од написите, во подоцнежните броеви ѝ се приклучуваат и звучни имиња од домашната културна и филмска сцена, како Илија Пенушлиски, Љубиша Георгиевски, Томислав Османли, Милан Ѓурчинов, Владимир Георгиевски, Вјекослав Мајцен, Кирил Темков, Костадин Танчев-Динка (воедно и автор на логото и дизајнер на првите насловни страници), Коста Крпач, Љупчо Тозија, Богомил Ѓузел, Стево Црвенковски и многу други, и кинотечните филмолози Мирослав Чепинчиќ, Игор Старделов, Павлина Гргуревиќ, Павле Константинов, Мартин Панчевски.

Содржината на месечниците ја сочинуваа неколку рубрики поврзани со историјата на филмот и киноприкажувањето, теоријата и естетиката на филмот, но и преводи на текстови, рецензии за кинотечни филмски циклуси, интервјуа, излагања од симпозиуми, фестивали и одбележани јубилеи, а подолго време преку рубриката „Кинотечен информатор“, со јавноста беа споделувани актуелни информации од работата на Кинотеката (набавка на нови публикации, филмски материјали, фондови, архивска граѓа, филмски проекции, изложби).

– Филмолозите од Кинотеката и останатите филмски критичари и теоретичари на филмската уметност оставаат сведоштво за филмската мисла во тој период од десет години и 35 броеви на „Кинотечен месечник“. Иако реализирани во скромни издавачки услови и печатени на шапирограф, овие историски четива некогаш „втиснати в хартија“, сега се преформатирани во дигитализирани изданија: кога ги читате четири децении подоцна, не може а да не се оттргнете од впечатокот дека и ваквите бледи копии се патината на македонската филмска публицистика – истакнуваат од Кинотеката.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 66, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 30-31 јануари 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот