Кинокултурата после корона: Се очекува бум во киносалите

Profimedia

Веројатно никој не претпоставуваше како ќе се одвиваат нашите животи со ширењето на вирусот Ковид-19, ниту, пак, кога и како ќе заврши. На затворањето на сите културни институции, вклучувајќи ги и киносалите ширум светот се гледаше како на нужност и на нешто краткотрајно, без поголеми последици. Но, одложувањето на премиерата на долгоочекуваното продолжение од франшизата за Џемс Бонд, „Нема време за умирање“, беше првиот знак за она што следува, иако во САД во тој период се зборуваше за проценка на глобалниот пазар, а не за пандемија.

Во првата половина на март, компаниите кои контролираат пет најголеми прикажувачки синџири во Северна Америка, загубија повеќе од половината од нивната пазарна вредност. Во меѓувреме, арт и независните кина во САД се на работ на исчезнување, додека фестивалите сé уште чекаат подобри времиња. На пример, центарот „Линколн“, дом на Њујоршкиот филмски фестивал, е еден од многуте кој ги прогласи вработените за технолошки вишок, бидејќи се соочува со финансиска битка како да продолжи. Истиот проблем го имаат и „Трајбека“ и „Хот докс“ во Торонто. Фестивалот „South by Southwest“ во Остин, закажан за средината на март, загуби милиони долари и отпушти третина од својот персонал; не е познато дали ќе се врати следната година.

Актуелен е потфатот на дел од најголемите филмски фестивали, како Берлинале, Кан, Венеција, Лондон, Карлови Вари, Локарно, Сараево и други, кои се здружија во досега незамислив подвиг – „We Are One: A Global Film Festival”, кој до 7 јуни може да се следи на Јутјуб, но и ова е краткотрајно решение. И додека кината се на колена, ВОД платформите профитираат. Можеби со некои содржини конкурираат на светските фестивали, како што е случајот со „Нетфликс“, иако и тоа е предмет на многу полемики. Филмскиот критичар Ричард Броди во еден свој текст во „Њујоркер“ укажува токму на проблемот што го создаваат ВОД платформите и стримингот: „За филмот тоа е несигурен пат и не му носи ништо, за разлика од прикажувањето во кино или како дел од некоја фестивалска програма. Едно од најголемите достигнувања на незивисните кина и музеите, што преку својот репертоар го обновуваат минатото и ја истражуваат сегашноста, сега тоа го нема“, вели Броди.

Публиката во кино, како и жителите на градот, стануваат дел од заедница.

Во големата петорка од Западна Европа, која е и најпогодена од пандемијата – Велика Британија, Франција, Италија, Шпанија и Германија, во помошта за културата се одвоени и огромни средства за повторно заживување на независните и арт кина, како и на оние во помалите места. Исто така, активни се и бројни кампањи и фондови за помош на филмот и филмските работници. Во Велика Британија, покрај помошта од државата, дистрибутерот и онлајн платформа МУБИ, создаде Фонд за поддршка на кината низ земјата погодена од пандемијата. Фондот започна со донација од 10.000 фунти, а кампањата има за цел да собере 100.000 фунти, кои директно ќе одат кај независните прикажувачи и филмски фестивали што се соочуваат со сериозни финансиски тешкотии. Неколку лондонски кина, како „Рио“, „Феникс“, „Џенезис“ и „Кетфорд Мјус“, се дел од кампањата и носители на пораката дека вирусот нема да ги убие кината.

Соочени со затворање на над 4.000 киносали (што е еднакво на загуба од 120 милиони евра) и прекин на работата за над 6.000 вработени, кои се директно вклучени во филмскиот сектор, италијанската влада презеде вонредни мерки (130 милиони евра) кои, меѓу другото, вклучуваат олеснување на инвестициите за новите или реновирани кина, помош за арт-кината, придонес за работниците што немаат друг извор на приход, купони за надомест на билетите, ослободување на претходно замрзнатите средства, суспендирање на условите и роковите за апликации, итн. Месецов е лансирана платформата креирана од Lucky Red и Circuito Cinema која ги обештетува кината затворени како резултат на вирусот, а разликата од останатите вакви сервиси е тоа што публиката во кино сé уште е главната референтна точка и се нуди можноста да се гледаат остварувања кои инаку би се прикажувале во кино. Со секое гледање на интернет на кината им се плаќа надоместок.
Исто така, иницијативата Moviement Village вклучува обнова на околу 200 кина на отворено низ Италија, меѓу кои и таканаречените поп-ап арени и селските кина кои ќе помогнат да се одржи во живот кинокултурата, нудејќи значителни придобивки и во однос на вработувањето. Проценката е дека за секои 100 старо-нови работни места, оваа иницијатива ќе обезбеди вработување за околу 600 вработени директно погодени од кризата. Во Шпанија, пак, една од мерките е создавањето на Вонреден социјален фонд од вкупно 13.252.000 евра, за поддршка и субвенции за филмската индустрија и продукција. Дел од помошта е наменета за обезбедување пари за процесот на прилагодување на задолжителните санитарни мерки. Корисниците ќе треба да исполнат квота од 30% во прикажување на европски наслови наредната година.

Во Германија поддршката доаѓа од многу различни места. Министерката за култура и медиуми, Моника Гритерс, вети широк пакет помош за културата во посткризниот период, од кој исто така ќе има корист и киноиндустријата. Во меѓувреме, вистинска ренесанса доживуваат драјв-ин кината, кои служат не само за гледање на филмови, туку и за црковни служби, театарски перформанси и концерти што исто така се забранети.

Иако во моментов, во некои земји веќе се најавени или започнати опуштања на мерките и почеток на работата на кината, театрите, музеите, прашање е како сето тоа ќе изгледа? Дали публиката ќе ја прифати „новата нормалност“ да седи зад паравани, да не се дружи меѓусебно или да ги следи фестивалите онлајн? Факт е дека нештата нема да бидат исти и дека најголемиот дел од независните и мали прикажувачи засекогаш ќе ги затворат своите објекти и покрај помошта која им следува. Дали ја живееме одјавната порака од „Викенд“ на Жан-Лик Годар: fin dе…cinéma? (Kрајот на филмот/крајот на светот).

Се очекува бум во киносалите

Во многу анализи се споредува состојбата со кината за време на пандемијата на шпанскиот грип и корона вирусот. Интересно е што во Велика Британија во ниту еден момент не биле затворени сите киносали. Така, во Лондон, кината требало да се проветруваат 30 минути на секои три часа, а биле прикажувани и петнаесетминутни филмови со информации за здравјето. Ширењето на заразата, секако, влијаела на индустријата во САД, но без поголеми последици, што резултирало со консолидација и раст на студијата; грипот во комбинација со крајот на Првата светска војна го раѓа Холивуд. И сега големите американски студија ја гледаат шансата – проценката е дека наредната година кината ќе доживеат вистински бум, со оглед на фактот што се очекуваат премиери на блокбастерите, како: „Аватар 2“, новиот „Бетмен“, како и неколку филмови од франшизата на Марвел кои се адутите за враќање на публиката.

Елена Димитровска/Филм+

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот