24.8 C
Скопје

Кинеските вакцини штитат од сериозни компликации и смрт од ковид-19 исто како и американските

За вакцината на „Синофарм“, која во моментов се аплицира во земјава и со која почна масовната имунизација, граѓаните треба да знаат дека се потребни девет недели од првата доза додека да се создаде целосниот имунитет.

Сите вакцини, вклучувајќи ги и кинеските од „Синовак“ и од „Синофарм“, ги штитат граѓаните од сериозна клиничка слика како последица од ковид-19 и од смрт, вели за „Слободен печат“ директорот на Институтот за имунологија доктор Александар Петличковски. Во јавноста постои скептицизам за ефикасноста на кинеските вакцини поради податоците што доаѓаат од Бразил и од Турција.

– Споредбите за ефикасноста се генерални споредби и процентите што укажуваат на ефикасноста на вакцините се споредливи за сите вакцини. За „Синофарм“ веќе имаме доволно податоци дека се работи за вакцина со ефикасност од над 80 проценти. За „Синовак“ нема многу податоци. Од тие податоци што ги има за „Синовак“, добиени од клинички студии во Бразил и во Турција, не се идентични податоците. Податоците од Бразил се дека ефикасноста на „Синовак“ е околу 50 проценти, а податоците од Турција се дека ефикасноста на „Синовак“ е над 80 проценти. Тука има недостиг на проверени и транспарентни информации околу „Синовак“ и затоа малку има и недоверба помеѓу населението. Инаку, во Кина вакцината на „Синовак“ е најмногу користена, а втора по користеност е „Синофарм“. Резултатите од користењето на овие две вакцини во Кина се одлични. Тие не пријавуваат нови случаи на заразени месеци наназад – вели за „Слободен печат“ директорот на Институтот за имунобиологија, доктор Александар Петличковски.

Тој нагласува дека сите вакцини не се исти.

– Некои создаваат антитела побрзо, некои подоцна. Некои антитела од вакцините траат подолго, некои пократко и тие варијации постојат. Но, суштината е дека сите вакцини, и кинеските и англиската и американските, штитат од сериозен тек на болеста и особено штитат од смртен исход – потенцира доктор Петличковски.

За вакцината на „Синофарм“, која во моментов се аплицира во земјава и со која почна масовната имунизација, тој вели дека граѓаните треба да знаат дека се потребни девет недели од првата доза додека да се создаде целосниот имунитет.

– За вакцината на „Синофарм“ која ја добивме во 200 илјади дози, генерално треба да се знае дека станува збор за мртва вакцина и таа создава имунитет малку подолго отколку американските вакцини и граѓаните треба да бидат внимателни помеѓу двете дози и неколку недели по втората доза. Комплетниот имунитет што се развива кај „Синофарм“ вакцината се постигнува по 6 недели по втората доза. Тоа е доста долг период, односно 9 недели од почетокот на вакцинацијата за достигнување на максимална ефикасност. За оваа вакцина не се пријавени никакви сериозни несакани ефекти – вели директорот на Институтот за имунобиологија.

Министерот за здравство Венко Филипче изрази надеж дека одѕивот за вакцинација ќе се зголеми. Во еден ден, од вкупно 9 илјади граѓани што добиле термин, половината не се појавиле на пунктот, а зошто тоа се случува, ќе се детектира дополнително.

 

Филипче: Одлуката за олабавување на мерките не е политичка

 

Во земјава од вчера стапија на сила олабавени рестриктивни мерки. Полицискиот час сега трае од 23 часот навечер до 5 часот наутро, а угостителските објекти на летните тераси се отворени до 22 часот и 30 минути. Министерот за здравство Венко Филипче рече дека одлуката за намалување на полицискиот час не е политичка туку водена од епидемиолошката состојба која се подобрува и помалиот притисок врз болниците.

– Одлуката не е политичка. Претходно се слушнав со членовите на Комисијата за заразни болести и со претседателот и тие се согласија за намалување на мерките. Во следните денови, односно од следната недела ако трендовите продолжат во оваа насока, ќе следат дополнителни попуштања на рестрикциите.

На сила е двонеделен карантин за сите патници што доаѓаат од Бразил и од Индија затоа што таму има опасни мутации на коронавирусот.

Поврзани вести

Лукаревска: Наша единствена алтернатива е ЕУ

Слободен печат

Пукотница во Старата скопска чаршија

Слободен печат

Филипче од Штип: Покажавме дека за нас зборот е збор, го имаме најдоброто за секоја општина

Слободен печат

Ексцентричен тајкун, креатор на најпознатата антивирусна програма, пронајден мртов неколку часа по одлуката за екстрадиција

Слободен печат

Заев тврди дека не разговарал со Ахмети за промена на знамето, грбот и химната

Слободен печат

Заев за новите проекти: Се воведува еколошка такса, ќе се инвестира во обновливи извори

Слободен печат

Остави Коментар