Кинески државен службеник: Вакцината против ковид-19 досега ја тестиравме кај 60.000 лица

Фото: EPA-EFE/WU HONG

Околу 60.000 лица во повеќе земји примиле доза од експерименталната кинеска вакцина против ковид-19 во рамки на четири клинички тестирања, рече висок кинески претставник денеска во Пекинг, додавајќи дека досега не се забележани несакани последици.

– Досега не е забележан никако сериозен несакан ефект, рече Тијан Баогуо од кинеското Министерство за наука и технологија.

Кина, каде се појави ковид-19 кон крајот на минатата година, речиси успеа да ја искорени епидемијата на својата територија и се наоѓа меѓу земјите со најнапреднати истражувања на потенцијалната вакцина.

Повеќе кинески компании се подготвуваат за производство на вакцина против ковид-19, како „Синовак“ и „Синофарм“ кои се принудени да се ориентираат кон странство (Бразил, Индонезија и Турција) за реализација на тестовите.

Ниту една вакцина во светот сè уште нема одобрение за комерцијална дистрибуција на големо, но кинеските власти дадоа дозвола за употреба на дел од нивните вакцини во итни случаи.

Кина верува дека ќе биде подготвена за производство на 610 милиони дози од крајот на годината, а годишното производството во 2021 година би требало да биде поголемо од една милијарда дози.

Видео на денот