КИНЕСКАТА КОМИСИЈА ПОТВРДИ: Новиот корона вирус се пренесува од лице на лице

Кинеските власти денеска соопштија дека е регистриран трет смртен случај и 139 нови заразени и потврдија дека вирусот се проширил и во Пекинг.

Кинеската национална здравствена комисија денеска потврди дека новиот корона вирус, кој предизвикува воспаление на белите дробови, се пренесува од лице на лице, јави кинеската новинска агенција Ксинхуа.

Според Комисијата, меѓу заразените има и медицински персонал.

Џонг Наншан, експерт за респираторни болести и шеф на тимот на здравствената комисија кој ја истражува епидемијата, потврди дека два случаја на зараза во кинеската провинција Гуангдонг настанале поради контакт од човек на човек.

Кинеските власти денеска соопштија дека е регистриран трет смртен случај и 139 нови заразени и потврдија дека вирусот се проширил и во Пекинг.

– Со ова бројот на регистрираните случаи на болеста достигна 201, а 170 пациенти се уште се во болница. Деветмина се во критична состојба, соопштија здравствените власти во градот Вухан, Централна Кина.

Кинескиот претседател Си Џинпинг денеска изјави дека Пекинг ќе го спречи ширењето на епидемијата предизвикана од коронавирусот.

– Животот и здравјето на луѓето треба да бидат приоритет и ширењето на епидемијата треба одлучно да се сузбие, изјави Си.

Случаи на болеста поврзани со новиот корона вирус веќе се регистрирани и надвор од Кина – два на Тајланд и еден во Јапонија. Сите заболени се по потекло од Вухан или неодамна го посетиле градот.

И Јужна Кореја соопшти дека е регистриран првиот случај на болеста во земјата. Тој е откриен кај Кинеска која пристигнала од Вухан.

Новиот вирус спаѓа во истиот тип корона вируси кои предизвикуваат тежок акутен респираторен синдром како САРС.

Во глобалната епидемија на оваа болест во 2002 и 2003 година починаа речиси 800 луѓе.

Новата епидемија се појави кусо време пред празниците за кинеската Нова година, кога стотици милиони Кинези патуваат за ги посетат своите роднини.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот