Кина против САД – копнена трка по нејзиното височество артилеријата

Методи Хаџи-Јанев / Фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Моќта да ги комбинирате различните системи и да ги вклопите во борбен концепт е клучот во разликата помеѓу САД и Кина. Да не зборуваме за хоророт на логистиката која им се случи на Русите во Украина пред да научат дека централизацијата, која и тоа како е присутна во Кина, е „смрт“ за современото војување

Минатиот текст на тема „Кина наспроти САД“ привлече енормно влијание, што искрено до некаде и го разбирам. Со оглед на тоа што, многумина, со право, имаа свој став што се обидоа, анегдотски не емпириски, да го наметнат како точен, без да навлегувам во заземање страна и иако сметав дека тоа можеби треба да биде дел од последниот дел од овој серијал, сепак се решив да го пренесам сега. Тоа, драги мои, е ставот не на кој било туку на еден од најпознатите кинески воени теоретичари и професор на најпрестижната Кинеска воена школа, генерал мајорот Жан Шаозонг. Во една од ретките анализи од ваков размер направена некаде пред 2015 година, во проекција од тоа време за во 2020 година, кинескиот експерт ја вбројува Кина зад САД и Русија. Според неговите проекции, Кина сепак ќе биде втора по ранг воена суперсила дури некаде во 2049 година. Сепак, овде има едно големо „но“, поради три работи.

Три работи зошто Кина е голем глобален играч

Прво, измамата и таинственоста, а со тоа и факторот на изненадување, се една од карактеристиките и специфичностите по кои Кина е препознатлива. Второ, времето во кое е направена оваа проекција не кореспондира со неколку битни збиднувања и пресвртни моменти. И, конечно, коефициентот на прогресот на технологијата е непознат – со други зборови, брзината со која Кина се развива не кореспондира со проекцијата на генерал-мајорот. Тоа, пак, нè принудува да се задржиме на курсот на анализа во рамките што ги поставивме како претпоставка од претходната дебата на темата. Додека споредбата на потенцијалниот воен капацитет на вода беше доминантна за минатиот број, овде ќе се фокусираме на копнените капацитети. Копнено, Кина доминира во поглед на масовноста. Сепак, тоа не значи дека е супериорна.

Неколку вкрстени анализи за копнените капацитети даваат слични податоци од кои може да се заклучи дека Кина има сериозен и респективен копнен потенцијал. Со бројка од околу 915.000 копнена сила, речиси двојно повеќе од САД, Кина има најголема армија во светот. Доколку принципот масовност би бил пресуден, тогаш Кина е победник. Но, според многу експерти, но и историски, масовноста не била секогаш победник. Во таа насока најверојатно е и изјавата на претседателот Си, во 2015 година, за кратење на вкупниот воен персонал за околу 300.000, додека Бајден најави кратење на околу 5.400 војници. Копнената војска на Кина, сепак, сé уште има неспоредливо застарена опрема во споредба со онаа на САД. Факт е дека дигитализацијата, која е најбрзорастечка во Кина на светско рамниште, е клучен „гејм чејнџер“, но факт е и дека засега не сите припадници на кинеската армија имаат современо оружје. Ваквиот заклучок го влечат речиси сите сериозни разузнавачки анализи, но и анализата на буџетите, каде наспроти официјалните 767,8 милијарди долари воен буџет на САД, Кина има 270 милијарди долари. Дури и кога би се ставиле додатоците што според некои центри за анализа (би рекле оправдано) ѝ се припишуваат на Кина, максимално таа двои нешто помалку од 300 милијарди долари.

Осовременување на воените капацитети како одговор од заканите

Во овој контекст, перспективно, ако Кина продолжи со ова темпо на зголемување на воениот буџет, таа ќе има сериозен скок веќе за пет години (во 2027 година) кога е и стогодишнината од основањето на Кинеската народна армија. Според неколку вкрстени анализи и според последната анализа од почетокот на 2022 година, САД предничи во железната тупаница, и по број на тенкови – 6.330 оперативни, наспроти 5.800 тенка што ги има Кина. Она што сепак повторно мора да го земеме со доза на скептицизам се информациите кои доаѓаат од Кина, и тоа двонасочно. Со други зборови, додека Кина сака да претстави лажна слика за тоа колку навистина е напредната, со цел да го нахрани принципот на изненадување во потенцијален дуел, истовремено на Кина ѝ е потребна пропаганда.

Покрај масовната автоматизација и дигитализација на целото копнено вооружување, Кина минатиот месец демонстрираше сериозен артилериски капацитет на воените тестови во пустината Гоби. Според кинески извори, Кина демонстрираше индиректен оган поддржан од хаубица од кинеско производство со прецизно гаѓање на дистанца од 30 километри. Според извештајот на Кинеската национална телевизија, хаубицата е со дигитализиран систем на управување со оган.

Овде е и клучот во анализата кој покрај дистанцата е битен калкулирачки фактор. Имено, Русија покажа зошто, и покрај сè, во Украина кралица на војувањето останува артилеријата. Многумина веќе потенцираа дека САД имаат сериозен вакуум во однос на Русија во овој поглед и тоа не само во дистанца, туку и во капацитет што може да се испорача во единица време. Така, ако Паладин-системот на САД (самоодна маневрабилна хаубица) може да дејствува со еден проектил во минута, компаративниот руски систем 2С35 Коалиција, 152 мм, според борбените тестови во живо (во Украина) дејствува помеѓу 9 и 16 зрна во минута до 40 километри без асистенција.

Во таа насока идентификуваните лекции од Украина досега укажуваат дека фокусот во развојот на копнената компонента ќе биде ставен на системите кои овозможуваат прецизно дејствување на далечина.

Западот „буден“ на предизвиците од Исток

Е, сега, овде повторно има две големи „но“. Прво, како што видовме кога говоревме за капацитетот на системите ХИМРАС, иако даваат ефект за оперативен пресврт, потребна е бројка. Второ, кинескиот систем е само тест и тоа според податоци што ги сервира кинеската телевизија. Колку од сето тоа е веродостојно допрва треба да се види. Згора на тоа е сериозниот дефицит што го има Кина, а тоа е можноста да ја нахрани со современи системи големата копнена компонента, бидејќи во спротивно импозантната бројка која во секојдневните кулоари се глорифицира е само топовско месо за современите борбени системи. Овде би додале дека САД од 2020 година веќе го тестираат т.н. систем ЕРКА, кој е напредна верзија на хаубицата „Паладин“ со капацитет од 60 км и 9 зрна во минута. Прецизноста за разлика од сите други е до извонреден 1 м од целта. Оние кои знаат за што зборуваме веќе ја разбираат предноста.

Прво, за разлика од тестовите на Кина (а делумно и Русија) кои се само на орудија-парчиња, тестот што САД во 2020 година го промовираше, вклучи артилериско гаѓање на дивизија како дел од корпус (бројките вклучени во целата вежба се околу 12.000 војници) во кој овие системи (употребени од два баталјона од околу 500 луѓе – не само три орудија како што Кина ги претстави) ја демонстрираа и ја тестираа моќта во здружено војување. Тука, всушност, е и клучот во разликата помеѓу САД и Кина. Тоа е моќта да ги комбинирате различните системи и да ги вклопите во борбен концепт. Да не зборуваме за хоророт на логистиката која им се случи на Русите пред да научат во Украина дека централизацијата (особено во логистиката) која и тоа како е присутна во Кина, е „смрт“ за современото војување.

Кина направи квантен скок и во поглед на она што во САД е познато како авијација на копнената војска, која служи делумно за вертикален маневар, но и за блиска воздушна поддршка. Внимавајте тоа не е воено воздухопловство, иако во Кина се вбројува таму. Доминацијата на САД издвоено, ако воопшто може да се анализира на тој начин, во овој дел од вооружените сили се намалува значително, со тоа што Кина и на овој план го подигна капацитетот. Со оглед на тоа што сè уште нема вежбовен ниту борбен тест на копнената авијација, анализата во овој дел ќе ја направиме колку за информација во потенцијален не стварен капацитет.

Кина во 2017 година за првпат ги тестираше новите хеликоптери, кои може да достигнат брзина од 400 км/ч, со екипаж од 7 лица со радиус од 997,7 км. Хеликоптерот „З-19А“ кој треба да е соперник на хеликоптерите „апачи“ исто така е дел од овој арсенал, кој е во развој и кој има сериозен капацитет за ловење на тенкови од дистанца. Вредни за споменување се и новите беспилотни летала „Тенгоен ТБ-001“, кои имаат носивост од 3 тона и се со радиус од 3.000 км и можност да останат автономни до 37 часа. Во однос на воздушниот лифт, Кина го има „Ми 46“ – заеднички продукт со Русија, кој се спротивставува на капацитетот на маринскиот кралски „ЦХ53“, кој се сметаше за крал во класата. Иако САД ја имаат доминацијата, и во овој дел Кина останува да биде неминовен растечки џин, кој за разлика од порано задава сериозни главоболки за доминацијата на САД.

(Авторот е универзитетски професор, придружен професор на Државниот универзитет во Аризона, САД)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот