Кина ни го врати капарот за вакцините, властите уверуваат – наскоро ќе дојдат

Фото: EPA-EFE/ANDREJ CUKIC

Во најкус можен рок, е одговорот на Министерството за здравство на прашањето кога ќе стигнат вакцините од кинескиот производител „Синофарм“, откако Македонија си ги зема назад авансно дадените пари за вакцината како гаранција.

– Авансната уплата што Министерството за здравство ја изврши со набавка на вакцината „Синофарм“, по барање на кинеското Министерство за надворешни работи беше повлечена заради усогласување на документацијата на нашето МНР и на МНР на Народна Република Кина. Разговорите се во завршна фаза, не станува збор за откажување на договорот. Вакцините против ковид-19 од производителот „Синофарм“ ќе стигнат во нашата земја во најкус можен рок – велат за „Слободен печат“ од Министерството за здравство.

Расте нетрпението и негодувањето кај граѓаните затоа што не можат да се вакцинираат и затоа што пристигнувањето на вакцините во земјава, кое беше најавено за крајот на февруари, не се реализираше. Досега само здравствените работници што работат во ковид-центрите имаа можност да примат вакцина од производителот „Фајзер“. Станува збор за вакцини што Македонија ги доби како донација од соседна Србија.

Премиерот Зоран Заев во изјава за новинарите не сакаше да прецизира датум кога ќе дојдат кинеските вакцини во земјава. Тој рече дека очекува позитивен сигнал од Кина.

– Авансот е повлечен зашто ја чекавме поддршката од Министерството за надворешни работи на Кина. Не можеме да си дозволиме пари да лежат во оваа земја додека не се заврши постапката. Ќе чекаме прво да се заврши работата, па потоа да ги уплатиме парите. Денеска очекувам позитивен сигнал од Кина за да ја почнеме таа постапка. Има и втора постапка за набавка на 200 илјади вакцини, а формализирани се постапките и за руската вакцина „Спутник“ – рече Заев.

Тој додаде дека точен датум не може да се прецизира, зашто има недостиг на вакцини на светско ниво.

– Ние направивме сѐ, дури и авансиравме уплати за да дојдат што побрзо вакцините. Во Кина авансот е пуштен и порано за да стигнат порано вакцините – додаде премиерот.

Министерката за одбрана Радмила Шеќеринска вчера истакна дека сите земји во светот имаат проблем со испораката на вакцините.

– Со исклучок на САД и Обединетото Кралство, се соочуваме со сериозен недостиг на вакцини. Дел сме од светскиот проблем, особено тешко е за помалите држави. Целта ни е што поскоро да обезбедиме функционална вакцина и ќе ги преземеме сите чекори. Барем здравствените работници успеаја да обезбедат дополнителна заштита – рече Шеќеринска.

Таа додаде дека ако сакала, Владата можела да скрие дека кинеската компанија „Синофарм“ ни го вратила капарот.

Освен вакцините од Кина, во тек се и директни преговори за набавка на вакцини од Фајзер. Во март најавени се пратки преку КОВАКС-механизмот со дози од производителот „Астра-Зенека“.

Кај нас уште не е детектиран јужноафриканскиот сој на коронавирусот, но британскиот сој се заканува и заразува со брзина поголема од обичниот. Кавадарци, Прилеп и Охрид бележат поголем број хоспитализации, но рестриктивни мерки не се планирани засега, иако не се исклучени. Министерот за здравство Венко Филипче вели дека се следи состојбата, дека има зголемен број на заразени и хоспитализирани, но не до ниво да го загрозат капацитетот на болниците.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот