Кина го победи Тајван во лицитацијата за односите со Хондурас

Знамињата на Хондурас и на Тајван сѐ уште се веат едно до друго пред Министерството за надворешни работи во Тајпеј - Фото ЕПА, Дејвид Чанг

Шефот на дипломатијата Реина истакнал дека Хондурас немал друг избор, бидејќи неговата земја е „до гуша во финансиски предизвици“, вклучувајќи го и долгот од 600 милиони долари кон Тајван

Министерот за надворешни работи на Хондурас е во посета на Пекинг за да ги обнови дипломатските односи со Кина, раскинувајќи го повеќедецениските политички врски со Тајван.
Извори во Тегусигалпа ја потврдија информацијата дека министерот за надворешни работи Едуардо Енрике Реина отпатувал во Кина „за да промовира воспоставување дипломатски односи“.
Реагирајќи на дипломатскиот пресврт, Тајпеј прексиноќа објави дека властите на Хондурас, иако веќе должеле 600 милиони долари, побарале помош од уште 2,5 милијарди долари за да ги продолжат односите со Тајван.

Шефот на дипломатијата Реина ја потврди сумата, но забележа дека тоа Тегусигалпа не барала „донација“, туку „механизам за рефинансирање“, односно „откупување на долгот на Хондурас“.

Хондурас е меѓу 14-те земји во светот што одржуваат дипломатски односи со Тајпеј, поради што е изолиран од Пекинг, кој го смета Тајван за отцепена кинеска територија што треба да се реунифицира. Портпаролот на Министерството за надворешни работи на Кина, Ванг Венбин, изјави дека „Пекинг ја поздравува позитивната иницијатива на владата на Хондурас за градење односи и е спремен да ги развие врз база на еднаквост и меѓусебно почитување“.

Тајванската Централна новинска агенција објави дека на 13 март министерот Реина во писмо до тајванското Министерство за надворешни работи побарал поддршка од 2,5 милијарди долари. Само еден ден подоцна, пред Тајпеј да одговори на писмото, претседателката на Хондурас Сиомара Кастро на Твитер објави дека му дала инструкции на министерот Реина да „издејствува отворање официјални односи“ со Кина, но не и дека Хондурас официјално ги прекинува односите со Тајван.

Реина отфрли само детали од извештајот. Тој истакна дека „вербално повеќе пати побарал средства од Тајван за механизмот за рефинансирање“ и дека писмото го испратил една недела порано. Тој притоа истакнал дека Хондурас немал друг избор, бидејќи неговата земја е „до гуша во финансиски предизвици“, вклучувајќи го и долгот од 600 милиони долари кон Тајван. Реина се пожалил дека „каматните стапки биле превисоки и дека го задушуваат Хондурас“.

Наспроти должничкиот спор, заменик-шефот на дипломатијата Тјен Чунг-кванг истакнал дека Тајван „нема лесно да се откаже од напорите да ги задржи односите со Хондурас“. Тој го повторил предупредувањето до Хондурас „да не верува во празните ветувања“ од Кина, но и кажал дека „Тајпеј нема да се наддава со Пекинг“.

Шефот на дипломатијата Џозеф Ву вчера изјави дека „ситуацијата со Хондурас не е добра“.

– Им кажавме дека нивниот долг може да биде репрограмиран. Другата страна побара превисока цена, но Тајван нема да се вклучи во натпревар со Кина во долар-дипломатија – изјавил Ву, без да спомне сума.

Повикувајќи се на „анонимен извор запознаен со ситуацијата“, Ројтерс јавува дека Кина планирала да го „преземе“ Хондурас во втората половина од годинава, но „ги забрзала активностите за да ја заврши работата до крајот на оваа недела, пред тајванската претседателка Цај Инг-вен да ги посети Гватемала и Белизе, другите латиноамерикански земји што имаат односи со Тајпеј.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот