Кина ги мобилизира граѓаните: Правете залихи од храна, ќе биде поскапа и ќе ја снема

Кина ги повика граѓаните да подготват залихи од храна поради можни прекини во снабдувањето/ Фото: EPA-EFE/ALEX PLAVEVSKI

Кина упати апел до семејствата во земјата да почнаат да прибираат залихи од храна и други неопходни работи за домаќинствата поради лошите временски прилики, енергетската криза и рестрикциите поради пандемијата од ковид-19.

Кинеското министерство за трговија издаде соопштение со кое ги повика локалните власти да обезбедат редовно снабдување и стабилни цени и навреме да ги предупредат граѓаните за сите проблеми и прекини во снабдувањето.

Министерството, исто така, ги повика локалните власти да се погрижат луѓето да имаат „соодветно снабдување“ со основни работи оваа зима до следната пролет. И им порача на властите да ги одржат цените стабилни – што пак е извор на вознемиреност во последниве недели, бидејќи цената на зеленчукот се зголеми низ цела Кина поради невообичаено обилните врнежи што им наштетија на земјоделските култури.

Кина во минатото ја истакна важноста од собирање на храна и други дневни залихи – вклучително и во септември, пред големиот неделен период на одмор. Но, тие изјави обично се многу очигледно наменети за читање на локалните власти и ретко го привлекуваат вниманието на граѓаните во секојдневието. Поради тоа што токму ова соопштение ги споменува семејствата, се чини дека ситуацијата е критична и луѓето мора сериозно да ги разберат овие пораки.

Ненадејното предупредување предизвика шокантни реакции низ кинеските социјални медиуми во вторникот, бидејќи многу луѓе шпекулираа за образложението на Министерството за трговија.

Владата „не ни кажа да складираме стоки кога избувна епидемијата на Ковид на почетокот на 2020 година“, напиша еден корисник на Веибо, одговарајќи на веста.

Друг шпекулираше дека властите ги потсетуваат луѓето дека „можеби нема да можат да си дозволат зеленчук оваа зима“.

Централната влада обично прави дополнителни напори за зголемување на понудата на свеж зеленчук и свинско месо во пресрет на најважниот празник во Кина, Лунарната Нова година, кој се слави на почетокот на февруари следната година. Но, оваа година, тие напори се уште поитни бидејќи екстремните и невообичаени временски услови на почетокот на октомври ги уништија посевите во Шандонг, регион кој е во првите редови во одгледувањето зеленчук.

Дополнително, ширењето на коронавирусот на териториите од северозапад до североисток на земјата се заканува дополнително да го наруши снабдувањето со прехранбени производи.

Толку силна беше реакцијата што некои од кинеските државни медиуми се обидоа да ја смират загриженоста. Ху Ксијин, уредникот на Глобал Тајмс, државен таблоид, ги отфрли сугестиите дека известувањето може да биде поврзано со зголемените тензии меѓу Пекинг и Тајпеј. Кина го смета Тајван за „нераскинлив дел“ од својата територија, иако кинеската комунистичка партија никогаш не владеела со самоуправниот остров.

Во меѓувреме, државниот „Економски дејли“ во вторникот напиша дека властите се обидуваат да ги потсетат семејствата да се подготват во случај на привремени локдауни предизвикани од ковид-19.

Кинезите ќе мора да складираат залихи од храна/ Фото: EPA-EFE/ALEX PLAVEVSKI

 

И државната телевизија CCTV рече дека делот од објавата со која се повикуваат семејствата да складираа неопходни работи бил „препрочитан“. Таа, исто така, објави интервју со Жу Ксијаојанг, претставник на Министерството за трговија, кој рече дека дневните резерви за луѓето се доволни и можат да бидат „целосно загарантирани“. Жу додаде дека огласот е наменет за локалните власти.

Кина одржува строга политика за нулта ковид, дури и кога земјите ширум светот постепено се отвораат и учат да живеат со коронавирусот. Втората по големина економија во светот е решителна целосно да го искорени вирусот во своите граници и има спроведено строги ограничувања за да се запре епидемијата, вклучително и запирање на брзите возови и карантини на патниците, и менување на семафорите во црвено за да се обесхрабри сообраќајот во една област каде што еден бил пријавен случај.

Строгите мерки на Кина дури станаа и вирални во текот на викендот, откако еден потврден случај на коронавирус го испрати шангајскиот Дизниленд во предвремен локдаун. Во едно видео беше прикажана толпа граѓани како се редат пред импровизирани места за тестирање додека здравствените работници во целосна лична заштитна опрема ги прегледуваат.

Напорите на национално ниво за спречување на случаите на коронавирус може делумно да придонесат за зголемената цена на храната, според Ванг Хонгкун, официјален претставник на Општинското биро за трговија во Пекинг. Тој минатата недела на прес-конференција рече дека трошоците за транзит низ регионите може да се зголемат поради строгите мерки за ограничување.

Ванг додаде дека цените на некои зеленчуци во главниот град на нацијата се зголемиле за 50% или повеќе во октомври.

Но, постојат и други фактори кои придонесуваат за растот на цените. Распространетиот недостиг на јаглен ги поскапи оранжериите со зголемување на трошоците за греење и електрична енергија. И екстремните временски услови ги оштетија посевите во поголемите земјоделски провинции.

Министерството за трговија во понеделникот ги повика локалните власти да се подготват за зимата со потпишување долгорочни договори со добавувачите на земјоделски производи, како и купување зеленчук што може да се складира.

Продавач во продавница во Кина/ Фото: EPA-EFE/ALEX PLAVEVSKI

Пекинг презеде други неодамнешни мерки кои се чини дека се насочени кон безбедноста на храната. Во понеделникот, владата откри „акционен план“ со кој ги охрабрува луѓето да не нарачуваат храна повеќе отколку што им е потребно и да ги пријават рестораните што фрлаат храна – мерка слична на кампањата предводена од претседателот Си Џинпинг минатата година, кога пандемијата на коронавирус и екстремната поплави ги загрози синџирите за снабдување со храна.

И во април, Кина усвои закон со кој им дозволува на рестораните да им наплаќаат дополнителен надомест на гостите за оставање „прекумерни“ остатоци во нивните чинии. Законот, исто така, ги казнува луѓето кои прават или споделуваат видеа за прекумерно јадење, со казни до 100.000 јуани (околу 15.000 долари).

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот