Кил, Кјелце, Веспрем не биле случајни, и Мешков е „велесила“ за Вардар!

Македонскиот и европски шампион претрпе нов четврти пораз сезонава во Лигата на шампионите, откако денеска во Белорусија во рамките од деветтото коло загуби убедливо од екипата на Брест Мешков со 31:22.

До 15 минута од првото полувреме една израмнета борба, се играше гол за гол и ниту една од екипите не се одвојуваше со поголема предност. Атман не го реализираше првиот напад на „црвено-црните“, а потоа Мешков погоди за отворење на резултатот.

Кристопанс беше играчот кој донесе егал, додека со голот на Дибиров Вардарци го имаа првото водство на овој дуел. Во следните 10 минути и двата тима се менуваа во предност, а Вардар беше првиот кој стекна водство од два гола (7:9) откако противничката мрежа ја погоди Стоилов во 16 минута од мечот.

На голманската позиција беше Гедбан кој имаше три одбрани. Но, Белорусите постигнаа два гола во серија и го израмнија резултатот на 9:9. Вардар не успеа да реализира „зицер“ преку Калараш, откако одбрани Пешиќ и стигна до својата шестт одбрана, а домашниот тим беше во серија од три погодоци, со која го сврте мечот во своја корист и поведе со 10:9 во 24. минута од натпреварот.

Вардар повторно беше во предност од два гола, откако најпрво одбрани Гедбан, неговиот соиграч во нападот, Скубе успеа да реализира за водство од 10:11, негов прв гол на мечот. Можеа Вардарци на полувреме да имаат и два гола позитива, Атман погоди за 11:13, потоа Мешков намали на 12:13, а Кристопанс во последниот напад ја погоди само пречката од голот на Белорусите.

Вардар лошо го отвори второто полувреме, противникот направи серија од 3:0, со што поведе со 15:13, додека Стоилов ја прекина серијата на Мешков, за намалување на резултатот. Пешиќ се разбрани во второто полувреме, неговите одбрани беа поттик за играчите на домашниот тим кои стигнаа и до три гола позитива 20:17 во 44 минута од мечот.

Кристопанс повторно се пожали на повреда и мораше да го напушти теренот, додека Скубе намали на 20:18. Само што намалено на 20:19, екипата на Мешков повторно се одлепи и поведе со 22:19, а Кокшаров побара минута одмор. И на денешниот дуел имаше премал број на голмански одбрани од Вардар, а тоа Брест Мешков максимално го казнуваше, додека на спротивната страна Пешиќ веќе забележа и до 11 одбрани. На пет минути пред крајот, домаќинот стигна и до високи 27:22, до крајот само се полнеше мрежата на нашиот првак.

Кај стрелците во победничките редови доминираа М. Ваилупау (12 голови), три повеќе од А. Шкурински, а на спротивната страна шест запиша С. Стоилов, по четири П. Атман и Т. Дибиров.

Лига на шампиони, 9. коло

„Б“ група
Кил-Мотор Запорожје 32:32
Веспрем-Кјелце 28:24
Монпелје-Порто 22:27
Мешков Брест-Вардар 31:22

Табела:

1.Кил 14 бодови
2.Веспрем 12
3.Монпелје 11
4.Кјелце 10
5.Порто 10
6.Вардар 9
7.Мешков Брест 4
8.Мотор Запорожје 2

Потсетување дека првопласираната оди директно во четвртфиналето, а екипите од второто до шестото место ќе играат во осминафиналето.

До крајот на групната фаза има уште пет кола, Вардар сеуште го нема обезбедено пласманот во нокаут-фазата, моментно е на шестото место со девет бодови, пет повеќе од Мешков Брест.

Во наредното 10. коло Вардар на 1. декември пред полни трибини во СЦ „Јане Сандански“ го очекува нов тежок предизвик против Веспрем.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот