Киев за „дефанзивната офанзива“ во Русија: Сѐ оди според планот

Украински оклопни возила кај пограничниот град Суми - Фотографија Профимедија

Претседателот Зеленски изјави дека офанзивата е „дефанзивна“ за да се неутрализира зона од која во изминатите три месеци биле спроведени повеќе од 2.000 напади врз Украина, но и да се заробат што е можно повеќе непријателски војници заради размена

Генералите во Киев тврдат дека ненадејниот копнен пробив длабоко на територијата на Русија се одвива „според планот“, но и Москва и украинските сојузници само нагаѓаат која е целта на шокантната контраофанзива.

Киев синоќа објави дека само во вторникот украинските сили продреле 1 до 3 километри подлабоко и дека веќе имаат под контрола 74 населби и територија од околу 1.000 квадратни километри. Украинските сили практично и не се соочиле со отпор додека пробиле две одбранбени линии и неколку воени пунктови.

– Елементот на изненадување имаше ефект. Влеговме лесно, со мал отпор. На 6 август првите групи се пробија ноќта и напредуваа во неколку насоки. Речиси веднаш стигнаа до западните предградија на Суџа – порачал на платформата Телеграм украински војник што сѐ уште е во Русија.

Информациите од теренот се контрадикторни, но се смета дека украинските трупи веќе се 30 километри длабоко на руска територија, во правец кон Курск. По овој регион, вонредна состојба прогласи и пограничната област Белгород, која и порано беше цел на украински напади, главно со беспилотни летала.

– Ситуацијата во областа Белгород и понатаму е исклучително тешка и тензична. Секојдневно гранатираат оружените сили на Украина, уништени се куќи, има повредени и убиени цивили – изјави гувернерот Вјачеслав Гладков, кој најави дека од Москва ќе побара да воведе вонредна состојба на федерално ниво.

Рускиот генерал Апти Алаудинов изјави дека украинските трупи се запрени, а Министерството за одбрана соопшти дека се одбиени нападите во селата што се оддалечени меѓу 26 и 28 километри од границата.

„Дилемата“ на Путин

Американскиот претседател Џо Бајден оцени дека „воениот пробив на Украина во Русија создал вистинска дилема“ за рускиот претседател Владимир Путин, но не објасни на каква дилема точно мислел. Извори во Вашингтон појаснуваат дека целта на нападот веројатно е да се принуди Русија да прераспореди во дефанзива дел од трупите што биле подготвени за офанзивни акции, и тоа токму во регионот на Суми, од украинската страна на границата во делот кон Курск. Но, тоа се само нагаѓања. Бајден изјави дека Вашингтон е во „постојан контакт“ со Киев во врска со операцијата, но и дека САД на никаков начин не биле вклучени во планирањето и подготовката.

Руска самоодна артилерија на позиција во областа Курск – Фотографија ЕПА, Министерство за одбрана на Русија

Наспроти процените дека акцијата има само привремен и ограничен карактер, украинските сили продираат сѐ подлабоко, а веќе градат и дефанзивни упоришта околу градовите од кои ги протераа руските сили. Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека офанзивата е „дефанзивна“ за да се неутрализира зона од која во изминатите три месеци биле спроведени повеќе од 2.000 напади врз Украина. Една од целите е да се заробат што е можно повеќе непријателски војници заради размена.

– Наспроти тешкотиите и интензивните битки, нашите сили продолжуваат да напредуваат во регионот на Курск и се зголемува државниот „фонд за размена“. Под украинска контрола се 74 населби – изјави Зеленски.

Тој порача дека од главниот командант на воените сили Олександр Сирски побарал „да ги развие следните клучни чекори“ од операцијата.

– Сѐ се одвива според планот – одговорил генералот Сирски, без да објаснува.

Хеорхиј Тихи, портпарол на Министерството за надворешни работи, изјави дека „Украина не е заинтересирана за окупирање територија, туку за заштита на животите на својот народ“.

– Операцијата помага за фронтот, бидејќи не ѝ дозволува на Русија да префрли дополнителни единици во окупираниот регион Доњецк и ѝ ја комплицира воената логистика – изјави Тихи.

Длабокиот пробив, во исто време, создава логистички проблеми и за украинското копје, во кое се вклучени околу 10.000 војници од четири бригади, со тенкови и борбени возила, како и со поддршка од беспилотни летала и од системи за електронско попречување. И нивното ангажирање и засилување претставува оситнување на украинските одбранбени линии на фронтот, на кој со месеци наназад напредуваат руските сили. Особено е критичен пробивот кон украинскиот логистички јазол во Покровск.

Одговор на Москва

Аналитичари укажуваат дека развојот на ситуацијата ќе зависи од одговорот на руските сили. Претседателот Владимир Путин изјави дека Русија ќе испрати „силен одговор“. Кон Курск веќе се префрлаат војници и оружје. Лирбанскиот министер за одбрана Лауринас Кашчиунас изјави дека Русите кон Курск испраќаат засилувања дури и од балтичката енклава Калининград.

Аналитичарот Паси Пароинен од групата Блекбрд, оцени дека Русија има доволно големи воени резерви да го запре пробивот, но дека досега главно се потпирала на единиците што се во регионот.

– Русите треба да имаат доволно резерви за да не бидат принудени да ја ослабат централната група единици што сега ги притиска украинските одбранбени линии кај Торетск и Покровск – изјави Пароинен.

Повеќе последица отколку цел на пробивот е кревањето на моралот на Украинците, по низата територијални загуби на фронтот.

Ако, пак, целта на акцијата била да се заземе поповолна позиција ако наскоро бидат организирани мировни преговори, на пример во случај на победа на Доналд Трамп на претседателските избори во САД во ноември, Москва вчера одговори дека пробивот кон Курск „само може да предизвика долга пауза“ во мировните напори. Родјон Мирошник, портпарол во руското Министерство за надворешни работи ја нарече офанзивата „терористичка акција“.

Украински борбени возила во областа Курск, на нишан на руски дрон – Фотографија ЕПА, Министерство за одбрана на Русија

Рускиот амбасадор во Обединетите нации ги критикуваше западните сили поради тоа што не ја осудиле украинската инвазија врз руска територија, како што пред две години ја осудија руската.

Многу, многу смел маневар

Украинскиот пробив во Русија е „многу, многу смел маневар, кој засега се исплати“, оцени сер Алекс Јангер, поранешен шеф на британската разузнавачка служба МИ-6.

– Стратегијата на претседателот Володимир Зеленски е дека треба да ја „ресетира“ политиката на војната во своја полза и на Русија да ѝ да наметне цена и неизвесност – изјави Јангер за Би-би-си.

Тој оцени дека операцијата би била успешна само ако Зеленски има план за логистичка поддршка и за повлекување на трупите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот