Киев конечно го објасни упадот на украинските војници на руска територија
Упадите на Украинците во рускиот пограничен регион Курск се последица на агресијата на Москва против Украина, изјави денеска Михаило Подолијак, висок советник на администрацијата во Киев.
Киев три дена не ги коментираше наводите дека украинските сили извршиле инвазија на руска територија.
Ниту во денешното обраќање Подолијак не потврди дека нападите се дело на украинската регуларна армија.
„Русија отсекогаш верувала дека за неа не важат рестриктивните правни норми и затоа може неказнето да ги нападне териториите на соседните земји и лицемерно да бара неповредливост на сопствената територија“, додаде тој.
Советникот изјавил дека дури и војната има свои правила, па „агресорот неминовно ја плаќа цената на своите постапки“.
Руските сили сè уште се соочуваат со голем упад на украински војници во Курск, што е неочекуван пораз за Кремљ, чија војска подолго време бележи напредок долж целиот форнт.
Украинската армија во вторникот започна напад со 1.000 војници и оклопни возила, соопшти рускиот Генералштаб, додавајќи дека прави сè за да ги истисне украинските војници од својата територија.