Киев е категоричен: Русија „апсолутно“ стои зад планираниот пуч во Украина!

Украинскиот премиер Денис Шмигал / Фото: EPA-EFE/SERGEY DOLZHENKO

Украински разузнавачи пресретнале активности на „надворешни сили“ за да се влијае врз политичката опозиција во Украина, со цел да се поттикне народен бунт и државен удар

Украинскиот премиер Денис Шмигал директно ја обвини Русија дека „се обидела да организира соборување на прозападната влада во Киев“.

Претседателот Володимир Зеленски во петокот објави дека е откриен и спречен обид за соборување на украинската влада, кој требало да биде извршен на 1 декември. Тој додаде дека се приведени руски и украински државјани што требало да го спроведат пучот, но се воздржа директно да ја обвини Москва. Русија категорично ги отфрли како „неосновани“ сите обвинувања дека „била вмешана во пуч или во какви било обиди за дестабилизирање на Украина“.

Но, премиерот Шмигал тврди дека разузнавачки информации укажуваат дека Русија „апсолутно“ стоела зад планираниот државен удар во Украина.

– Имаме доверливи податоци што ги демонстрираат специјалните намери – изјави Шмигал во Брисел, каде што се сретна со високи функционери на Европската Унија.

На прашањето дали зад нив стои руската држава, тој одговори: „Апсолутно!“.

Премиерот додаде дека украински разузнавачи пресретнале активности на „надворешни сили“ за да се влијае врз политичката опозиција во Украина, со цел да се поттикне народен бунт и државен удар.

– Во украинското општество нема револуционерно расположение. Откривме дека имало влијанија од надвор за да се поттикнат протести во Киев, да се засилат. Нашата тајна служба спроведува специјална истрага – изјави премиерот Шмигал.

Премиерот, притоа, го спомна концентрирањето руски воени сили близу заедничката граница, кое го оцени како дел од „пошироките руски напори за запирање на приближувањето на Украина кон Европската Унија“.

– Тие подготвуваат нешто – изјави Шмигал, без да објаснува на што точно мисли.

Шмигал смета дека против членство на Украина во ЕУ се насочени сите руски агресивни активности, од анектирањето на полуостровот Крим во 2014 година, преку хибридните напади до концентрирањето трупи покрај границата.

Украинците со народно востание и жестоки судири со полицијата на плоштадот Мајдан во Киев во февруари 2014 година го соборија од власт прорускиот претседател Виктор Јанукович. Новото проевропско раководство настојува да ја води земјата кон членство во Европската Унија и се надева дека на специјалниот самит „Источно партнерство“ во декември ќе ги продлабочи односите со ЕУ, заедно со Молдавија и Грузија, кои исто така се во руската сфера на интереси. ЕУ со Украина, Грузија и Молдавија има постигнато договори за трговија и заштита, но Киев бара и поголема воена поддршка од САД.

– Ова се од главните причини за хибридните напади од руската страна, бидејќи ние цврсто сме решени да се интегрираме во Европа, да го имаме стандардот на европските, на цивилизираните земји. Затоа ги трпиме сите тие хибридни напади, кибернетски упади, воени напади, окупирани територии, сеење дезинформации, за да се запрат европските аспирации на Украина – изјави Шмигал во Брисел.

Тој појасни дека разрешувањето на Олександр Руснак од главната функција во контраразнузнавачкото одделение на Украинската служба за безбедност не е поврзано со планираниот пуч во Киев.

Блинкен: Секоја повторена агресија на Москва врз Украина ќе има сериозни последици

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот