Киелце е неосвоива тврдина, убедлив пораз за Вардар

EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Вардар и во петиот натпреварот на гости кај Киелце се враќа со пораз. Овој пат во рамките на осмото коло од Лигата на шампионите, Киелце славеше со 35:25 и ја продолжи победничката серија во дуелите со македонскиот шампион. И на претходните натпревари Вардар губеше од Киелце со 31:27, 27:24, 23:20 и 33:31, но денешниот пораз е најубедлив.

На високиот пораз му кумуваа и повредите на бековите на Вардар поради што тренерот Едуард Кокшаров го имаше само Сташ Скубе од бековите и мораше да експериментира со крилата Чупиќ и Дибиров.

Полскиот тим уште од самиот старт почна фуриозно, ги казнуваше и најситните грешки на вардарци со што направи предност од три гола (4:1) која при крајот на полувремето дојде и до пет разлика (15:10) што беше најава на триумфот на полскиот тим. Вардарци до полувремето успеаја да му парираат на разиграниот противник (17:14).

Но, во второто полувреме тотален колапс на играта на Вардар, се почувствува отсуството на повредените бекови, пред се Криштопанс со што нападот ја загуби острината.

Ракометарите на Киелце одлично го искористија тоа и предводени од расположениот голман Волф кој имаше 13 одбрани, ја зголемуваа предноста која на крајот изнесуваше 10 голови (35:25).

Тимур Дибиров со девет постигнати голови беше најпрецизен на натпреварот, Скубе даде шест додека капитенот Столилов постигна пет голови. Кај Киелце, доскорешниот вардарец, Игор Карачиќ даде пет гола, а Каралек даде еден повеќе.

Со поразот Вардар падна на петтото место на табелата, а следниот предизвик за „црвено-црните“ е гостувањето кај Брест Мешков.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот