Кичевските пожарникари неделава интервенирале на десетина помали пожари

Противпожарно возило / Фото: МИА

Во кичевско не се присутни пожари од поголем обем, но голем е бројот на помали пожари. Од Територијалната противпожарна единица во Кичево информираат дека изминатата недела интервенирале на повеќе локации, а биле опожарени стрништа, ѓубришта, помал дел шуми и еден станбен објект.

– Изминатава седмица бевме доста активни на терен, бидејќи интервенираме на поголем број помали пожари од секаков вид. Во овој период интервениравме на седум пожари на стрништа, во два наврати гасевме ѓубришта, диви депонии, локализиравме пожар во еден стан, го изгаснавме пожарот кој можеше да биде голема закана кај село Кнежино, а имавме и навремена интервенција на далноводот кај село Осој, вели Бране Мирчески од ТППЕ Кичево.

Тој појаснува дека информациите на населението се најдобра превенција за да се интервенира навремено и да се изгаснат пожарите.

– Благодарение на кооперативноста на населението во целата наша општина, навремено се откриваат пожарите во регионот, што од друга страна ни овозможува да го ликвидираме пожарот во самиот зачеток за да не дојде до негово проширување и закана за месното население. Се надеваме дека до крајот на летото и во овој сушен период, ќе имаме навремени информации за секој можен пожар, што ќе ни биде од драгоцена помош, додава Мирчески.

Извор: МИА

Видео на денот