Кичеец и ќебапите

Падна првата пресуда во случајот „Рекет“. Зоран Милевски, познат како Зоки Кичеец, е осуден на три години казна затвор. Висината на казната, иако за Кичеец несомнено преголема, остатокот од јавноста ја доживеа како премала за случај чии последици се разурнувачки по функцијата на СЈО и по нашиот правен систем. Најчестата споредба беше со случајот од пред неколку години, во кој маж беше осуден на исто толкава казна затвор за кражба на стотина ќебапчиња.

Прво, имајќи ја предвид целокупната состојба во нашето правосудство, јас сум задоволен од секоја затворска казна која ќе се спроведе. До пред неколку години, ние имавме сосема поинаков вид проблем – нашите институции, ваквите и слични постапки на злоупотреба на власта воопшто не ги третираа како кривични дела – сите се сеќаваме како се одвиваа процесирањата и прогонот на овие случаи. Од 1991 година наваму, случаите на злоупотреба на власт беа бришени од нашите институции и свест со молскавична брзина.

ВМРО-ДПМНЕ само ја усоврши таа практика. Кога јавноста дозна за бомбите, прво бевме убедувани дека се неавтентични, потоа дека воопшто нема кривични дела во нив, па обвинителството наместо да ги гони функционерите на власта, им се закануваше со прогон на медиумите кои ги објавуваа снимките. Потоа го формиравме СЈО, па судовите ги отфрлаа снимките како доказ, па Иванов ги аболицираше сторителите. Дури и сега, по долги години мачна борба за правда, очигледно е дека имаме големи проблеми со спроведување на постапките и ефектуирање на пресудите – судејќи по многуте непотребни одложувања на судењата и големиот број бегства на поранешни функционери и лица блиски до нив. Дополнително, гледаме дека старата машинерија на режимот сѐ уште е жива и напорно работи на секoj можен начин да ја оспори правната заснованост на преостанатите постапки против фамилијата.

Поентата на овој текст не е некакво апстрактно заплашување на јавноста од опасноста да се врати ВМРО-ДПМНЕ преку потсетување за нивните минати дела, туку да се илустрира трнливиот пат кој го поминавме од тогаш до денес. Знаевме дека ќе биде вака. Не знаевме дека ќе биде толку мачно, болно и депресивно. Ама знаевме дека ќе ги употребат сите финансиски, политички и криминални ресурси за да го спречат нашето и онака гнило судство да ги осуди. А, доколку тоа сепак се случи, требаше да знаеме и дека нема мирно да се пријават на извршување на нивните затворски казни.

Мораме да одиме чекор по чекор, друштво, бидејќи друг пат очигледно нема. Без оглед на пречките, без оглед на неуспесите – бидејќи крајната цел на трајно воспоставување на правна држава, е премногу значајна за да си дозволиме да се обесхрабриме и да се откажеме.

Второ, висината на казната. На прв поглед и мене ми се виде премалку. Само три години за делото кое практично ги урниса сите наши напори за издигнување над вечниот круг на неказнивост за злоупотреба на власта во нашата држава. Само три години за делото каде сторителите, практично, им плукнаа во лице на стотиците илјади граѓани, кои со месеци, па и со години, неуморно бараа правда. Се разбира дека изгледа премалку.

Тука треба да го имаме предвид индивидуалниот пристап при одмерување на казната – Кичеец беше обезбеден со домашен притвор, за разлика од другите осомничени, веројатно поради активна соработка со органите на прогонот. На почетокот на судењето, тој ја призна вината и изрази каење за делото. Тоа е школски пример за исполнување на критериумите за доделување минимална казна. Доколку на крајот од постапката бидат лоцирани парите и биде утврдена вина кај другите инволвирани – јас навистина немам проблем со трите години кои треба да ги одлежи.

Трето, споредбата со истата казна за кражбата на ќебапчиња. И јас мислам дека втората е превисока и нефер. Но, кога веќе правиме споредба помеѓу една, очигледно превисока и друга казна, не треба да бараме втората казна да биде ригорозна колку онаа која сите ја сметаме како превисока и нефер. Тоа го прави само општество жедно за крв, а не за правда. Сѐ додека бараме крв, никогаш нема да добиеме вистинска правда.

За крај, морам да упатам на поголемата слика. Во моментов, најдеструктивното сценарио за борбата против организираниот криминал и високата корупција би било ако истражувањето и гонењето на наводите за злоупотреба на власт во овие три години се сведат на прогон само на Боки 13, Катица Јанева и Зоки Кичеец. Само тогаш, овие тројца нема да бидат најголемите криминалци по паѓањето на режимот, туку обични жртвени јагниња. Откривањето на сите други кои можеби биле дел од оваа криминална мрежа е многу поприоритетно од висината на казната нa само еден од нејзините членови.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот