КФСМ не го прифати барањето на Пелистер: Нема да има попуст за никого!

Кошаркарската федерација на Македонија денеска преку соопштение одговори на барањето на КК Пелистер да се одложи стартот на вториот дел од сезоната поради лошите услови во салите.

КФСМ во одговорот јасно потенцира дека колото кое е закажано викендов треба да се игра и ако некој клуб по сопствена желба одлучи да не игра нема да има попуст за никого.

Во продолжение соопштението од КФСМ.

„Кошаркарската Федерација испрати известување односно потсетување до клубовите кои се натпреваруваат во Првата МТЕЛ лига мажи, за почитување на Пропозициите за натпреварување за натпреварувачка сезона 2024/2025 во целост.

Кошаркарската Федерација ќе спроведе вонредна инспекција во салите кои се пријавени пред почетокот на сезоната, по одигрување на првото коло во новата календарска 2025 година (закажано за претстојниот викенд) за уште еднаш да ги потврди условите согласно Пропозициите за натпреварување за тековната сезона. Сите недостатоци кои ќе бидат забележани од страна на делегатите на натпреварите ќе бидат земени предвид.
Ќе бидат одржани и низа на состаноци со претставниците на сите сениорски лиги за да се спречат понатамошни манипулации со условите за игра.

Клубовите кои се натпреваруваат во овој степен на натпреварување добија финансиска поддршка од Министерството за спорт со исплаќање на државните субвенции како и со дополнителната распределба на средства од игрите на среќа, финансиски средства кои Федерацијата не ги доби. Дополнително, истите се и ослободени од котизација за учество во лигата благодарение на спонзорот на лигата што раководството го обезбеди пред почетокот на натпреварувачката сезона. Клубовите се доволно финансиски ситуирани за да ги исполнат сите услови за нормално функционирање на една професионална кошаркарска лига во рамки на највисокиот степен на натпреварување поради што сметаме дека повеќе не постои простор за толерирање на неисполнетост на техничките услови за одржување на еден натпревар.

Воедно, клубовите кои не ги исполнија или делумно ги исполнија финансиските обврски кон КФСМ добија рок за комплетирање на долговите. Во спротивно истите нема да бидат делегирани.

Раководството на Федерацијата во најбрз можен рок повторно ќе организира конференција за претставниците на медиумите на која како и минатиот пат транспарентно ќе биде информирана јавноста за работата на Федерацијата како и за сите останати информации за тековниот период за кои Федерацијата смета дека јавноста треба да е запознаена.

Ја поздравуваме иницијативата на КК Пелистер која апсолутно се сложува со ставовите на федерацијата за обезбедување на еднакви услови од страна на сите инволвирани страни“, стои во соопштението на КФСМ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот