Кенет Бател ги разубавуваше Џеки Кенеди и Мерилин Монро, но никогаш јавно не ги откри нивните тајни

Profimedia

Новата биографија „Кенет: фризерска елеганција“ го опишува животот на легендарниот холивудски фризер Кенет Бател и неговата врска со славните клиенти.

Една вечер кога Мерилин Монро му ја пееше „Среќен роденден“ на претседателот Кенеди во „Медисон сквер гарден“, нејзиниот фризер Кенет ја посети во апартманот на Менхетен да ѝ ја уреди платинесто-русата коса во модерна фризура.

Мерилин не сакаше да бидам со неа зад сцената. Ми рече дека се плаши од публицитет. Не знам што имаше на ум, но бидејќи истовремено соработував со неа и со госпоѓата Кенеди, мислам дека за тоа стануваше збор“, изјави своевремено Кенет.

Оваа е една од многуте приказни кои се споделени во „Кенет: фризерска елеганција“, биографијата на легендарниот фризер Кенет Бател, напишана од Џузепе Лонго.

Во тоа време имало холивудска кралица и тоа била Мерилин Монро, а имало и американска кралица, а тоа била госпоѓата Кенеди. Тие биле двете најпознати дами на тоа време и двете биле поврзани со Кенет – вели авторот Лонго.

Во книгата тој ја раскажува приказната за тоа како човекот роден како Кенет Бетел станал фризер на сите големи ѕвезди, меѓу кои Џуди Гарланд, Глорија Вандербилд, Ли Редзвил (сестрата на Џеки), принцезата Маргарет (кога го посетила Њујорк) и други кралски и славни личности.
Кенет почнал да се грижи за изгледот на Џеки во периодот од доцните 50-ти години кога Џон Ф. Кенеди бил сенатор. Според Лонго, Кенет за Џеки изјавил:

Таа беше многу убава девојка, чија коса имаше свој ‘карактер’. Потстрижана во неколку нивоа и виткана, фризурата ѝ беше многу куса за нејзината тенка и висока фигура“.

Џеки Кенеди/Profimedia

Затоа Кенет ѝ предложил да ја пушти косата да ѝ порасне малку подолга и да користи големи витлери (специјално направени за неа) за да добие поголем волумен и лелеавост, карактеристични за нејзиниот изглед.

Исто така, негова идеја била еден прамен од косата да ѝ паѓа слободно, за да може сопругот кога ќе сака да ја бакне, да ѝ го тргне зад увото – вели Лонго.

Кенет ѝ ја средил косата на првата дама и на 21 ноември 1963 година, пред да отпатуваат за Далас заедно со Џон, еден ден пред атентатот.

Таа и претседателот блескаа тој ден. Двајцата беа среќни и убави“, се сеќавал Кенет.

По убиството на Џон, Џеки се преселила на Менхетен и била редовна муштерика во салонот на Кенет сместен на Петтата авенија во текот на 80-тите години од минатиот век. Иако Кенет соработувал со многу славни личности, никогаш јавно не ги открил нивните лични тајни.

Тој бил многу дискретен и на тој начин ги привлекол сопругата и љубовницата на претседателот да му бидат клиентки. Тие целосно му верувале. Кенет ги третирал како да се кралици. Имал црн „мерцедес бенц“, со кој често ги земал клиентките од нивните домови и ги носел во својот салон – вели Лонго и открива дека фризерот бил и иновативен:

– Во тоа време фризурите се правеле со многу лак за коса, но Кенет ги оставал „недовршени“. Имено, тој сакал косата на жените да може слободно да се движи, наместо да им биде како зацементирана фигура на главата.

Кенет многу се зближил со Мерилин, па некогаш ѝ наоѓал перика и големи очила и заедно шетале низ Мехнетен, инкогнито. Исто така тој ѝ ја средил фризурата шест недели пред да почине, што е познато како „Последното разубавување“ и е овековечено од фотографот Берт Стерн.

Мислам дека сакал да ја сфати целата нејзина тага. Но, Мерилин не ги споделила сите лични детали и молчеливо се разбирале дека еден дел од нејзиниот живот ќе остане само нејзина тајна – зборува Лонго.

Profimedia

Откако Кенет се пензионирал, живеел во Њујорк и се договорил со Лонго да соработува за пишување на неговите мемоари, но почина во 2013 година на 86-годишна возраст, пред да направат интервјуа. Со одобрение на неговите законски застапници, Лонго ги користел архивите, претходно необјавените фотографии и зборувал со неговите поранешни вработени, клиенти, меѓу кои и Мелиса Риверс, која го посетувала салонот заедно со мајка ѝ Џоан Риверс, познатата телевизиска водителка.

– Има толку историја во неговиот живот, што ако не ја ставев во книга, ќе беше изгубена – вели Лонго и додава:

Пред Кенет, женската коса била собирана во стегнати фризури и криена под шапки. Со неговото појавување, таа станува најважниот моден додаток. Кенет секогаш го менувал стилот на фризурата според тоа како ќе ѝ одговара на жената. Никогаш немал само еден или најнов стил на фризура. Секое потстрижување кај него било уникатно, како што секоја жена е уникатна и посебна.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот