Кенеди призна дека фрлил мртво мече во њујоршкиот Централ Парк

Симпатизери на Кенеди маршираат низ Њујорк - Фотографија Profimedia

Роберт Кенеди Џуниор, независен претседателски кандидат од прочуената лоза американски политичари, признал дека пред една деценија фрлил тело на мече во њујоршкиот Централ Парк.

Снимката со признанието е објавена на социјалните мрежи со цел да се пресретне сторија на магазинот „Њујоркер“, чии репортери го истражувале инцидентот.

Седнати на трпезариска маса, Кенеди ѝ раскажува на комичарката Розен Бар дека пред десетина години, додека возел во Хадсон Вели, северно од Њујорк Сити, жена што возела комби пред него удрила во младенче на црна мечка и го убила на место. Кенеди успеал да го префрли мечето во својот автомобил, со намера да му го одере крзното и да го зачува месото, но набрзо се премислил, бидејќи морал да отпатува со авион.

– Во автомобилот имав стар велосипед што требаше да го фрлам. Си реков да ги фрлам и мечето и велосипедот во Централ Парк, за да изгледа како несреќа – рекол Кенеди, додавајќи дека „сигурно ќе му било забавно на тој што ќе ги открие“.

Инцидентот може да е вистинит, бидејќи во октомври 2014 година во грмушки во централниот њујоршки парк било откриено мртво младенче на црна мечка. Полицијата спровела истрага, а експерти утврдиле дека мечето веројатно загинало од удар на автомобил.

Ниту штабот на кампањата на Кенеди ниту магазинот „Њујоркер“ не го коментираа признанието. Рејтингот на Роберт Кенеди Џуниор е стабилен околу 8 отсто, но во многу сојузни држави не ги исполнува минималните услови да биде регистриран како претседателски кандидат на 5 ноември.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот