„Келнер“, една седница „за народ“ молам, со „шведска маса“ дневен ред!

Та
Талат Џафери/ Фото: МИА

Како прво, треба потсетување за да нема дилеми, пакетот економски мерки, со кој на сите на кои им требаше финансиска помош поради корона кризата, го донесе оваа коалициска Влада, а не опозицијата. Тоа, што отпосле и опозицијата се „тепаше“ во Собранието за овие мерки да се озаконат што побргу, е само нивна стандардна политичка итроштина, со која сакаат да се покажат заштитиници на народот. За нив постои народ само кога тие ќе оценат дека имаат интерес од тоа. Како поинаку да се толкува фактот дека за нив, сите други закони кои чекаат со месеци на ред во собраниска процедура, освен дека- не се за народ.

Штосот е во тоа што здружената опозициска коалиција на „тепаниот и тепачите“, сакаат од позиција на опозиција да владеат со Парлементот и со Владата и со државата и со народот, само затоа што владеачкото мнозинство, е тесно. Ваквата лимбо ситуација ја користат да блокираат сѐ што може да се блокира. Не, за седници, не, за закони, не, за реформи, не, за попис, не, за нов деловник, не, за он лајн седници… И кога само заради одглавување на фамозните пакет економски закони, од „мирно“ седење дома со ковид, се довлечкаа пратениците во Собранието, ги ставија на јавен линч. Дека биле за на психијатрија, дека ќе на*беле, дека ќе ги заразеле сиромашките пратеници, зашто болните од власта обавезно ги заразуваат само пратениците од опозицијата. Па, тоа не било по протокол еден, туку според протокол два, туго, туго… Сите експерти станаа.

Па се кренаа и новинарите и новинарките и тие ќе се заразеле зашто по исти ходници оделе, по исти стапки газеле. Демек, на работа, дома, пред зграда, во дуќанче и во кафиќи, само здрави седат и тест им бараат пред да влезат! Зошто вака не се „кренаа“ сите кога Арбен Зибери дојде болен да гласа за Владата! Тоа тие се вика демагогија.

А кога ќе насетат дека можат од нешто да имаат ќар, тогаш сакаат од институциите на државата, вклучувајќи го и Парлементот да прават „шведска маса“ и да си земаат само од она што ним, во тој момент им се допаѓа: „Ве молам Спикеру за утре да нарачаме една седница со само четири закони, а задутре друга, со по две точки од пет претходни, незавршени седници. По можност точките да се „за народ“! На други не доаѓаме, а пари ќе земаме.

Ако ВМРО-ДПМНЕ толку брзаше овој закон „за граѓаните“ да се донесе, зошто не му „нарипа“ на коалицискиот партнер, дека со уцена од илјадници амандмани за носење на закон за државјанство со тројца сведоци, го блокира неговото донесување. Зошто социјалните мрежи не „вриеја“ како сега, зошто новинарите и новинарките не го прашуваа Мицковски како не му е срам, зошто немаше протести по улиците!

Можеби оваа власт е за жалење што или не знае да владее, или пак не знае да остане на власт, и што заради тоа ќе овозможи на власт да дојде оваа опозиција, со која се плашам дека повторно по улиците и по медиумите ќе ги гледаме сеништата на минатиот режим, штабски „новинари“, сите насилнички фаци и псевдо патриоти кои уште сега ‘ни ја земаат мерката за отстрел.

Само нека бидат сигурни дека зад врата во Собранието и нив ќе ги чека Филибастеринг, за да им ги врзе рацете.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот