22 C
Скопје

Кејот убав пак ќе никне – една поинаква скопска приказна

Денес со гордост можам да кажам дека целосната реконструкција на кејот почна. Со новиот лик на кејот докажуваме дека на шеталиштето има место за сите и дека е можен соживот на сите учесници во животот крај Вардар.

Кејот „13 Ноември“ е симбол на слободата на Скопје. Уште од памтивек десната страна на Вардар пред и по Камениот мост била уредена како градско шеталиште-променада. Трагајќи по скопските архиви на Јутјуб налетав на краткиот филм „Кеј 13 Ноември“ на „Вардар филм“ од 1964 година. Меѓу првите сцени од филмот се утринско чистење со камион на улицата покрај кејот, приказ на шеталиштето и клупите покрај Вардар, превртени маси од локалите, прскалки за тревниците. По сцените со работници, продавачи и оџачари како одат на работа, точно кога гонгот на РТС удира 7 часот, на шеталиштето еден постар чичко си поставува вага, столче и реди лозови.

Идиличната слика за Скопје драстично се менува со излевањето на Вардар на 16 ноември 1962. Таблата на која пишува „Кеј 13 Ноември“ гледаме како плива заедно со спасителите на чамци во големата поплава. По санирањето на последиците од поплавата сонце повторно изгрева и животот покрај Вардар повторно бликнува – но само накратко – до кобниот земјотрес на 26 јули 1963-та. Таблата „Кеј 13 Ноември“ сега повторно ја гледаме, ама во урнатините. Гледаме тага на лицата на оние кои ги загубиле најмилите и на оние кои живеат во шаторите поставени на кејот. Но, градот убав пак никнува. Прво преку кадар на младинци и младинки кои расчистуваат планина од шут, па со решителни кадри на работници кои ги минираат полуразурнатите згради. Овие луѓе го ослободуваат градот од урнатините на земјотресот исто како храбрите партизани во 1944 што го ослободија од окупаторот.

Кејот е повторно обновен. Се враќа детскиот џагор, скопските сеирџии што грицкаат семки, се враќа и стариот чичко со вагата и лозовите. Се враќаат и насмевките на младите скопјанки и скопјани, кои уживаат на кејот и на скопското корзо покрај Вардар. Филмот заоѓа со новите светилки на кејот и високите згради што никнуваат во модерно Скопје по кобната 1963.

Зошто се задржав на овој филм? Во кејот „13 Ноември“ се вложени гигантски труд, надежи, емоции и сеќавања на многу генерации наши сограѓани. Кејот стана нов симбол на ослободувањето на Скопје од колективните трауми по поплавата и земјотресот и нова гордост на Скопјани. Кејот стана симбол на преживувањето и оживување. Кејот стана клучна артерија на градот, регенератор на скопскиот живот, култно шеталиште, место каде што се раѓаат љубовни приказни и урбани митови. За жал, кога станав градоначалник оваа клучна артерија до срцето на градот беше во многу лоша кондиција. Кејот се претвори во затната артерија. Кејот повторно беше окупирана јавна територија, колатерална штета на урбаното злосторство наречено Скопје 2014.

Денес повторно го ослободуваме симболот на слободното Скопје. Денес повторно ја обновуваме неговата витална функција – шеталиште и собиралиште на скопјани. Враќањето на некогашниот автентичен урбан скопски живот на кејот „13 Ноември“ воопшто не е лесен предизвик. Ако се земат предвид децениските напори на „внатрешните узурпатори и окупатори“ кои носеа незаконски одлуки, правеа матни зделки со размена на згради или пак играа улога на соучесници во уништување на шеталиштето и згаснувањето на животот на кејот, оваа задача не е воопшто лесна. Но, никој и не очекуваше дека ќе биде лесно.

Кога го прифатив предизвикот да управувам со овој град, ветив ослободување на јавниот градски простор на кејот, надминување на хаосот и безредието и враќање во живот на најпознатото скопско шеталиште… На кејот нема простор за непрописно паркирани возила, за прометна улица со многу возила, а малку пешаци и велосипедисти, пропаднати плочници, хаос од рекламни објекти, жардиниери, огради, платформи и слично.

Денес со гордост можам да кажам дека целосната реконструкција на кејот почна. Со новиот лик на кејот докажуваме дека на шеталиштето има место за сите и дека е можен соживот на сите учесници во животот крај Вардар. Кејот мора да биде слободен за сите. И за постарите, и за помладите, и за сеирџиите и за вљубените, и за кафеанџиите и за муштериите, и за велосипедистите и за шетачите. На кејот сите треба да се чувствуваме безбедно и пријатно. Да уживаме во глетката и во целата таа хармонија создадена од луѓето за луѓето. Симболот на слободата – кејот „13 Ноември“ мора повторно да биде ослободен.

Таблата „Кеј 13 Ноември“ не ја уништи ниту поплавата, ниту земјотресот. Кејот не остана уништен од овие природни катастрофи, а нема да дозволиме да остане уништен ни од тоталитарниот проект „Скопје 2014“. Кејот убав пак ќе никне – како сведоштво за една поинаква скопска приказна на преживувањето, оживувањето, хуманоста и животот.

Поврзани вести

Мицкоски и Пендаровски не се над судовите

ВИДЕО | Шилегов: БРТ целосно ќе го трансформира јавниот превоз во Скопје, ќе се укинат постоечките автобуски линии

Марина Дамческа

Поради двоглавиот орел во Врапчиште ДУИ распали по градоначалникот, Шабани обвинува за клевета и најави тужба

Дестан Јонузи

Кацарска за СП: Без рационален пристап Македонија и Бугарија нема да најдат решение

ВИДЕО | Заев: Ако може ЕУ да води кампања од јавен интерес, зошто да не може државата

Родителите со ултиматум до МОН: Ако не ни одговорат до понеделник, одиме на протест

Михаило Донев

Остави Коментар