Ќе зажалите по Борисов, Захариева и Каракачанов!

избори во бугарија
Избори во Бугарија - / Фото: EPA-EFE/VASSIL DONEV

Неизвесноста кој ќе формира влада во Бугарија и опцијата таму наесен да се одржат нови парламентарни избори ја стеснува шансата за евроинтеграциски пробив на Македонија не само на јунскиот самит, туку и до крајот на оваа година, предупредуваат аналитичарите. Најголема шанса да состави влада има шоуменот Слави Трифонов, чие движење „Има таков народ“ без предизборна програма освои 51 пратеничко место, по ГЕРБ на Бојко Борисов која освои 75 пратеници, но нема со кого да коалицира.

Љупчо Нешков, сопственик на бугарската новинска агенција БГНЕС, во медиумски настап завчера праша зошто во Македонија сметаат дека односите меѓу Скопје и Софија зависат од некои избори.

– Прво зависеа од изборите во Македонија, па се запре работата на Комисијата и општо сите разговори беа прекинати. Сега се чека на овие избори во Бугарија во услови кога можеби нема да има влада. Зошто треба Македонија да чека нови парламентарни или претседателски избори во Бугарија – праша Нешков.

Тој смета дека се загубени „две златни години, за кои сме можеле да решиме многу прашања и да отвориме една голема перспектива“.

– Сепак, тоа се случува кога имате работа со неискрени патриоти. Во Софија никој не се интересира за јазикот и идентитетот на Македонците. Бугарија сака да се исполни Договорот од 2017 година. Во Скопје сите тие патриоти многу ќе жалат за Борисов, Захариева и Каракачанов – вели Нешков.

Според политикологот Благојче Атанасоски, тешко е да се одгатне кој ќе го направи потребното мнозинство од 121 пратеник за да ја состави идната бугарска влада во идеолошки и партиско-коалициски шаренолик парламент.

– Најневеројатно е тоа да биде ГЕРБ на Борисов и покрај тоа што е номинално победничка партија, бидејќи сите други јавно отфрлија соработка со него. И самиот е свесен за тоа и затоа ги повика итно да ја преземат одговорноста и да формираат влада. Лидерката на социјалистите (БСП) Корнелија Нинова го повика Слави Трифонов да направат антиГЕРБ влада, но тој одби соработка со наследниците на комунистите и засега ,,мудро“ молчи. Постои варијанта и за малцинска влада помеѓу „Има таков народ“ на Трифонов, Демократична Бугарија на Христо Иванов и „Исправи се.бг“ на Маја Манолова со поддршка на партијата на етничките Турци, Движењето за права и слободи ДПС, за кое се понуди и изјасни лидерот на оваа партија Мустафа Карадај, но строго без учество на ГЕРБ или БСП, како поткрепена малцинска влада без учество на самата ДПС! Како и да е, равенката е многу сложена, со повеќе непознати и не исклучувам наскоро да се оди на нови предвремени парламентарни избори наесен заедно со претседателските, а дотогаш да има службен кабинет назначен од претседателот Румен Радев – прогнозира Атанасоски за „Слободен печат“.

Според аналитичарот Петар Арсовски, за Македонија е подобро да се состави влада отколку да се оди на нови парламентарни избори, и тоа политичка влада со што е можно повеќе коалициски партнери. Експертската влада, вели тој, би требало да организира избори наесен и ќе има изговор воопшто да не се занимава со односите Софија-Скопје, а во таква варијанта оваа година ќе биде целосно изгубена за македонските евроинтеграции.

– За нас е најдобро да се формира политичка влада со повеќе учесници затоа што така ќе биде полесно да се сподели одговорноста за одлуките што ќе се донесат – вели Арсовски.

Во врска со тоа дали новиот парламентарен состав во Бугарија ќе биде ограничен од декларацијата со која се негира македонскиот идентитет и историја што во 2018 година едногласно ја усвои претходниот парламент, Арсовски вели дека е добро тоа што во овој состав има нови партии што немаат врска со таа декларација, „а таа не е ниту Устав ниту закон“.

– Во овој момент е навистина тешко да се прогнозира кој би можел да состави влада и се отворени се многу опции. Актуелниот премиер Бојко Борисов иако има помали шанси, сепак не треба да се отпишува затоа што тој е вешт политичар. Неговата последна понуда со 10 пратеници да го поддржи Трифонов да направи влада, покажува дека Борисов е сè уште во игра – вели Арсовски.

Атанасоски не е оптимист дека Бугарија наскоро ќе го тргне ветото за Македонија кон ЕУ и очекува дека и новите партии ќе калкулираат за да не изгубат гласови.

– Тоа не може магично веднаш да се реши, бидејќи и да има волја за такво нешто, тие партии ќе бидат многу внимателни при тргање на ветото, бидејќи тоа може да им донесе негативни поени пред евентуалните нови избори, затоа што ,,македонското прашање“ таму е издигнато на пиедесталот и преку него се црпат или се губат гласови! Како и да е, штетата е голема и веќе направена во декември со самиот чин на ставање вето и негативната улога ја изиграа Каракачанов, Захариева, Џамбазки и Ковачев! Сега останува потешката задача на нивните наследници да ги вадат „жешките костени“ од заплетканите македонско-бугарски односи! Треба да бидеме крајно внимателни и претпазливи и двете страни треба да вложат искрена волја и труд за да ги решат апсурдно создадените проблеми – вели Атанасоски.

Пред неколку денови премиерот Зоран Заев рече дека очекува во април да биде формирана новата влада на Бугарија и со тоа да продолжат разговорите за да се изнајде решение кое ќе биде прифатливо за двете страни и повтори дека македонскиот идентитет и македонскиот јазик не може да бидат тема на разговор и преговори.

Според конечните резултати, од 240 места во бугарскиот парламент ГЕРБ освои 75, „Има таков народ“ 51, Бугарската социјалистичка партија 43, ДПС 30, Демократска Бугарија 27, а „Исправи се! Мафијата надвор!“ 14 пратеници. Премиерот Борисов се откажа од пратеничкиот мандат, а Трифонов објави дека има симптоми на ковид-19 и се повлече во изолација.

Константинов: Влада ќе прави Трифонов, а ќе го поддржат сите

Бугарија ќе има стабилна влада, формирана од второпласираната партија „Има таков народ“, а поддржана од сите парламентарни сили, прогнозираше вчера професорот Михаил Константинов, шеф на државната агенција „Информативни услуги“, која се занимава со пребројување на гласовите на изборите. Според него, таквата влада би можела да има сериозна поддршка, слично како пред 1989 година, кога БКП беше единствената партија во Бугарија.

Во однос на тоа дали во Бугарија ќе се одржат предвремени избори во текот на летото, тој истакна дека тоа би претставувало „лудост и неодговорност“, додавајќи дека на Бугарија ѝ е потребно стабилно раководство. Тој предвидува можна војна во Украина, која нема да биде мала, за што Бугарија, како членка на НАТО, мора да биде подготвена.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот