Ќе се рентаат точаци, но со ГПС локатори

Град Скопје повторно го воведува проектот за изнајмување на велосипеди. Иако претходниот пат тој заврши неуспешно, многу од велосипедите беа украдени или оштетени, овој пат од Град Скопје се надеваат дека со новиот принцип на работење ќе се овозможи непречено функционирање, но пред се унапредување и модернизација на постоечкиот проект „Изнајми велосипед“.

– Град Скопје планира воведување на јавен систем за споделување (самоизнајмување) на велосипеди (public bike share system – PBSS). Во моментов се работи на подготовка на проектите со кои се предвидува поставување на овој систем на 30 локации во градот Скопје, опремени со терминал за самоизнајмување на велосипед и 20 држачи за велосипедите. За оваа цел, Советот на Град Скопје минатата седница додели субвенција на ЈСП-Скопје за проектирање и набавка на пунктови и набавка на велосипеди за изнајмување – велат од град Скопје.

Субвенцијата инаку изнесува еден милион денари, кои ќе служат за проектирање и набавка на пунктови, како и набавка на велосипеди за изнајмување. Проектот за изнајмување на велосипеди беше донесен во 2010 година, под надлежност на ЈП „Градски Паркинг“, но тој беше запрен бидејќи голем број од велосипедите беа украдени или искршени. Овој пат надлежноста за овој проект Град Скопје ја дава на ЈСП – Скопје.

– Придобивките за превземање на проектот на ЈСП – Скопје од ЈП „Градски Паркинг“ е базирано на искуството на земји со високоразвиена мобилност, имајќи предвид дека само по себе велосипедот не може да биде конкуренција на автомобилот, но неговата интеграција со јавниот градски превоз може да претставува рамноправна алтернатива. Системите на јавните велосипеди се релативно нови, а главните карактеристики им обезбедуваат еднонасочно патување со велосипеди во било кој период на различни места на територијата на градот Скопје. Спојувањето на велосипедите и јавниот градски превоз т.н. Bike & Ride системи би се постигнала брзина слична на автомобилите, а велосипедот е тој кој ќе овозможи превоз од врата до врата. Со ова се претпоставува дека на тој начин ќе се постигне повисоко ниво на мобилност и безбедност во превозот, а со тоа би се намалило и штетното влијание на автомобилите на градската сообраќајна мрежа и околина. Дополнително, предноста е и во тоа што ЈСП – Скопје функционира на целата територија на Скопје, додека ЈП „Градски паркинг“ во најголем дел функционира во централното градско подрачје, поточно на територијата на општина Центар – велат од Град Скопје.

Од таму исто така потенцираат дека проектот се разликува од претходниот бидејќи целосно ќе се користи понапредна технологија на изнајмување на велосипеди, од аспект користење на модерен систем на наплата, велосипедите ќе имаат вградени ГПС локатори и др.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот