Ќе се најде ли европски патоказ за излез од бугарскиот ќорсокак?

Бугарската техничка влада и премиерот Румен Радев останаа категорични дека нема да го тргнат ветото за преговарачката рамка ако Патоказот за исполнување на Договорот за добрососедство не е усогласен со бугарската декларација, која пак за македонскиот државен врв е неприфатлива.

До Советот за општи работи на ЕУ има уште осум дена, а Македонија уште е во голема неизвесност за својата европска иднина, затоа што бугарската техничка влада и премиерот Румен Радев останаа категорични дека нема да го тргнат ветото за преговарачката рамка, ако Патоказот за исполнување на Договорот за добрососедство не е усогласен со бугарската декларација, која пак за македонскиот државен врв е неприфатлива.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи викендов повтори дека и покрај постојаните контакти со високи бугарски претставници не може да биде сигурен дали ќе биде тргнато ветото на 22 јуни за да ги почнеме преговорите со ЕУ, а дали ќе се постигне договор зависи од мандатот на техничката влада да носи такви одлуки, како и од местото и содржината на Патоказот. На маса и натаму е португалскиот предлог за кој Османи обелодени дека во него е предвиден европски мониторинг.

Во меѓувреме и последниот состанок на македонско-бугарската историска комисија викендов заврши без успех, а пратеникот Антонио Милошоски најави дека во среда ќе ја закаже седницата на собраниската комисија за надворешни работи на која министерот Османи треба да реферира за што се разговара со Бугарија.

 

Милошоски: Османи да реферира во Собранието

 

Милошоски најави и дека протестите во Скопје ќе продолжат денеска и утре, пред објектот на МНР од 17 до 19 часот.

– На 11 јуни после неколкудневни протести на опозицијата, министерот Османи изјави дека е спремен да реферира пред пратениците за контраверзните преговори што двоецот Заев-Бучковски ги води со Бугарија. Да потсетам, пред цели 6 месеци, на 16 јануари истата оваа влада усвои заклучок дека пред пратениците ќе бидат презентирани информации за предлог акцискиот план кој го преговараат со Бугарија, но досега наместо отчетност имавме молк, нетранспарентност и чести понижувања на Македонија. Заклучокот е дека во нормални демократии за најбитните национални теми владите сами иницираат дебата со парламентот, додека во хибридните режими како во Македонија се потребни протести за да натераш владин министер да даде отчет пред пратениците – објави Милошоски на Фејсбук.

На ова Османи одговори дека ќе ги вложи сите напори во среда да биде во Скопје.

– Ќе ги вложам сите напори да ја прекинам тековната дипломатска офанзива за во среда на неколку часа да се обратам пред пратениците и членовите на Комисијата. Очекувам најмалку со иста ревносност претседателот на Комисијата, Антонио Милошоски да ја закаже и седницата на која ќе ги претстават тезите и избраните амбасадори, со што ќе се отвори патот за нивно упатување – напиша Османи на Фејсбук.

Мониторинг преку Патоказот

 

Министерот Османи рече дека португалскиот предлог за надминување на спорот со Бугарија предвидува ЕУ да набљудува како се имплементира Договорот од 2017 година.

– Мониторингот ќе биде преку Патоказ во кој има јасни рокови и институции одговорни за имплементација и ќе се врши во рамките на Советот за стабилизација и асоцијација. Притоа зачувувајќи ги принципите на ЕУ и на нашата земја дека тоа не треба да биде дел од преговарачкиот процес и Копенхашките критериуми – рече Османи.

Бугарскиот претседател Румен Радев завчера имал телефонски разговори со американскиот државен секретар Ентони Блинкен во кој меѓу другото се разговарало и за блокадата на Македонија, а Блинкен укажал дека Западен Балкан треба побрзо да се интегрира во ЕУ. Османи го коментираше притисокот на САД како светска сила и на Франција и Германија како европски сили над Бугарија како „голема ангажираност на голем број држави“.

– Прашањето на одложување на европската перспектива на регионот има сериозни геополитички консеквенции. Во геополитиката нема вакуум, секоја празнина некој ќе ја исполни. И затоа мислам дека тој аларм е подигнат сериозно кај сојузниците – вели Османи.

За неуспехот да се постигне напредок и на најновиот 14. состанок на мешовитата комисија Османи рече дека досегашните резултатите не се за занемарување и дека не може да се очекува тоа да се заврши за една година.

 

Мешовитата комисија „на пат кон никаде“

 

Членот на мешовитата историска комисија, бугарскиот историчар Кирил Топалов викендов го повтори ставот на бугарскиот државен врв дека никој не може да ѝ врши притисок на Бугарија.

– Бугарија даде и дава безброј докази за добра волја, за желба за плоден политички дијалог, но потребно е да се возврати со истото, а не да се води жестока, злобна антибугарска кампања за постојана измама на македонското општество дека Германија, Португалија, Америка, Макрон или некој друг ќе изврши притисок врз Бугарија и ќе ја принуди на нелогични одлуки. Како што видовме, дури и семоќната г-ѓа Меркел препорача меѓусебно да се разбереме, бидејќи ова е билатерално прашање, а ние можеме само да потсетиме дека не Бугарија, туку Македонија е кандидат за членство – рече викендов Топалов.

Осврнувајќи се на последната средба на Комисијата, Топалов за БГНЕ напиша дека „низ срцата на една третина од бугарското население тече крвта на оние Бугари кои гинеле за слободата на Македонија и нивните потомци никогаш нема да прифатат дека дедовците не им биле Бугари, не зборувале бугарски јазик и не ги дале своите животи со јасна бугарска национална свест”.

За неуспехот на состанокот зборуваше претседателот на македонскиот дел од комисијата, Драган Ѓоргиев кој рече дека заглавиле кај учебниците по историја за седмо одделение.

– Дебатата е за Средниот век, односно за претставувањето на државата на Цар Самоил во македонските учебници. Досега постигнавме договор за заедничкото чествување на царот, но втор сегмент се учебниците. Не можеме да прифатиме да се претстави таа држава како единствен и директен наследник на бугарското царство – потенцира Ѓоргиев.

Тој објасни дека целта на комисијата е да се избегне злоупотребата на историјата во политички цели, бидејќи на Балканот отсекогаш се правело тоа.

– Нашата цел е во правењето на препораки за подобрување на учебниците, да се дадат препораки кои ќе го сведат на нула политизирањето на одредени личности и митологиозирањето, што потоа се користи во дневно-политички цели – рече Ѓоргиев.

Според него, апсолутно неприфатливо е владите да го дефинираат Гоце Делчев, затоа што „тоа е пат кој не води никаде“.

-Тие можат да дават изјави, владите можат и да усвојат заклучоци за Гоце Делчев, за цар Самоил, меѓутоа тоа ќе создаде поголем проблем, отколку што ќе го реши проблемот. Работата е да создадат услови, текстови кои ќе им дадат на политичарите можност да тие личности и настани ги употребат за поврзување на двата народи, македонскиот и бугарскиот. Апсолутно би било небулозно политичари било во Бугарија било овде, да донесат одредена одлука за Гоце Делчев, за цар Самоил, за кој било настан од историјата. Тоа ќе биде преседан кој уште повеќе ќе ја влоши ситуацијата – смета историчарот Ѓорѓиев.

Од комисијата по средбата брифираа дека тие дале предлози што се засновани на современите разбирања за историското образование, поддржани од Советот на Европа и УНЕСКО, во кои се уважуваат различните погледи и толкувања за минатото и кои се покажале како применливи во надминување на споровите. Од бугарска страна тие предлози биле одбиени како неприфатливи и неприменливи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот